Во мајскиот уписен рок во петте основни училишта во Штип за новата 2025/2026 година се запишани 326 првачиња, што за 100 ученици помалку во однос на лани, кога биле запишани над 400 првооделенци.
„Според податоците што ги добиваме од СВР и од патронажните здравствени служби, бројот на родените деца кои годинава треба да бидат прво одделение изнесува 470, но како и секоја година, практично се запишуваат помалку ученици поради иселувањето во други градови или поради фамилијарното заминување во странство“, вели раководителката на општинското Одделение за општи работи, Снежана Санева.
Се очекува до почетокот на новата учебна година да се запишат уште 20 до 30 ученици кои со своите семејства се враќаат од сезонска работа во странство, но факт е дека осипувањето секоја година е значително.
Санева предупредува и на почитувањето на реонизацијата, учениците да се запишуваат во училиштата во реоните каде што живеат.
Засега, најголем интерес има за ОУ„Ванчо Прке“, но врз основа на природниот демографски прилив на првачиња кои се родени од 1 јануари 2019 до 31 декември 2019. Според опременоста, во сите пет основни училишта во Штип постојат квалитетни услови за настава.
Т. ЈОВАНОВСКИ