СТОЛПЧИЊАТА ПОСТАВЕНИ НА УЛИЦИТЕ ГО НАМАЛИЛЕ БРОЈОТ НА ПОВРЕДЕНИ ПЕШАЦИ ВО СООБРАЌАЈКИ, ВЕЛИ ВЕЛЕШКАТА ПОЛИЦИЈА

    СТОЛПЧИЊАТА ПОСТАВЕНИ НА УЛИЦИТЕ ГО НАМАЛИЛЕ БРОЈОТ НА ПОВРЕДЕНИ ПЕШАЦИ ВО СООБРАЌАЈКИ, ВЕЛИ ВЕЛЕШКАТА ПОЛИЦИЈАОпштината лани постави столпчиња на 15-ина улици во градот, но и по тротоари (Фото: СДК.МК)

    Велешката полиција ја пофалила локалната власт за поставување столпчиња, со кои на одредени улици се регулираше сообраќајот, наспроти дел од јавноста, која ова решение не го прифати, соопштија од Општина Велес. Во прилог на поддршката, СВР Велес ги понудила податоците за сообраќајните незгоди во градот во кои биле повредени пешаци и тие бележат намалување. Лани имало 25, наспроти 40 во 2019 и 35 во 2018 година.

    Минатата година, велешката итна помош имала 136 интервенции на терен за сообраќајни несреќи во Велешко, што е 14 повеќе во споредба со 2019.

    „Минатата година воведовме мерки за безбедност на граѓаните кои беа изложени на потсмев на социјалните мрежи. СВР Велес утврди дека со нивното воведување значително е намален бројот на сообраќајни незгоди во кои учесници се пешаци и деца“, кажа градоначалникот Аце Коцевски.

    Општината постави столпчиња на 15-ина улици во градот, но и по тротоари, за да не се паркираат автомобили. Овие мерки биле дел од Планот за одржлива урбана мобилност.

    „Оваа позитивна промена се должи на тоа што поставивме опрема пред пешачките премини и метални столпчиња за заштита на тротоарите и на тој начин спречивме непрописно паркирање и брзо возење на критичните точки на главната сообраќајница“, дополни Коцевски.

    СВР Велес побарала општината да постави столпчиња и на улицата Љубљанска кон ООУ „Блаже Конески“, од двете страни на улицата Лазо Осмаков и на улицата 8 Септември наспроти паркинг просторот под Градски саат.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира