Во куќата на Уранија во Охрид синоќа беа претставени уникатни фотографии од минатиот век од познатиот германски фотограф Курт Хајлшер. Фотографиите се направени во првите децении од минатиот век, кога Хајлшер, меѓу другото, ја посетил и Македонија.
„Станува збор за едно негово специфично патешествие од 1910-ите, 1920-ите и 1930-ите години во тогашното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Хајлшер тогаш посетил подрачја од Босна до Македонија. Направил над 1.200 фотографии, од кои избрал 191 и објаснил дека со нив сака да ги покаже атрактивниот различен карактер на земјите, архитектурата и начинот на живот на тогашните Југословени. Направил посебен албум со фотографии од Македонија, кои, покрај документарна, имаат и уметничка вредност, бидејќи на нив се истакнуваат изрази на лицата, носиите и амбиентот”, кажа академик Катица Ќулавкова.
Хајлшер е автор и на неколку значајни книги за Италија, Шпанија и Германија.
Д. ЧУБРИЌ