Во организација на Националната земјоделска мрежа и на Здружението на оризопроизводителите од Кочанско в недела на празниот пазар во селото Облешево, кој неколку години не работи со промет на ситен и крупен добиток кој е забранет, ќе одржи трибина на која по дискусиите за напластените проблеми во земјоделството ќе се донесат заклучоци со барања што ќе бидат доставени до надлежните министерства и институции од областа на аграрот.
Трибината е резултат на револтот на домашните земјоделски прозводители, посебно на оризопроизводителите кои овој викенд завршуваат со годинашнава жетва, незадоволни од доцната сеидба која донесе мали приноси, високите трошоци за ѓубрива и заштита, ниската цена на оризовата арпа и големиот увоз на ориз претежно од Индија, Пакистан, но и од соседните земји. Иако сите досегашни влади и министерства оризот го ставаат во групата национални стратешки култури, земјоделците велат дека на дело не го потврдуваат тоа.
„Пробавме, оризот ‘роналдо’ што се увезува од Грција и од другите соседни земји, ни кокошките не го клукаат. Исто е и со оризот што се увезува од Индија и Непал, неквалитетен и е далеку од нашиот кочански како признаен бренд. Затоа, има фирми кои го препакуваат увозниот ориз и го извезуваат во некои од соседните земји како кочански, а почна да се продава и во некои наши маркети“, вели претставникот на оризопроиводителите од Кочанско, Здравко Арсов.
За овој проблем говори и професорот Илија Каров, кој долго време ги следи состојбите со оризопроизводството и заедно со асоцијациите и здруженијата во оваа област бараат бројните малверзации што се прават со прометот на оризот да го потврдат и инспекторите со излегување на терен во маркетите. И обичен потрошувач, лаик од оваа област, може да го воочи слабиот квалитет на оризот кој се продава од 91 до 99 денари за едно пакување на кое стои декларација дека е кочански и дека е со крш до 15 проценти.
Ѓорги Каракашев од Националната земјоделска мрежа го потенцира крајно неповолниот откуп на оризовата арпа што се провлекува со години. Од друга страна, цвета увозот на неквалитетен ориз кој со ништо не може да се мери со домашниот. Увозот на ориз го лимитира откупот на домашниот ориз.
„Проценките се дека со ланските над 4.000 тони неоткупен ориз, залихите кои не се влезени во државните резерви ќе се зголемат на повеќе од 10.000 тони бел ориз или до 20.000 тони оризова арпа. И со откупната цена е катастрофа затоа што сега откупувачите го прифаќаат родот од оризопроизводителите од кои некои добиваат само празно ливче за примена килажа на оризова арпа, ама без цена. Таа е диктирана и од увозниците и од откупувачите кои истовремено имаат свое производство од илјадници хектари“, вели Каракашев.
Здравко Арсов, долгогодишен производител на ориз е скептик и за оваа година што се однесува за откупот. Вели дека со сите параметри и калкулации, годинашнава цена треба да биде над 40 денари килограм оризова арпа, а откупувачите форсираат двојно помала цена, најмногу 25 денари и при тоа ги уценуваат.
„Кога ние бараме повисока, реална цена тие велат дека немаат место во нивните капацитети, па ние мораме оризот да го складираме во нашите амбари. Ако им ја дадеш за џабе, 20 или 25 денари тогаш имаат простор. Производителите се дискредитирани и сардисани по сите основи и се третираат како граѓани од шести ред, иако оризот е една од стратешките култури во Македонија. Остваруваме никаков доход, со кој не можеш ни папагал да израниш. Откупувачите нѐ фаќаат на сентименталност затоа што сме принудени да го даваме оризот по нивните услови оти и ние имаме деца, и ние треба да обезбедиме огрев, книги, да покриваме трошоци за школување и егзистенција за сите членови во семејствата“, вели Арсов.
Каракашев додава дека кај оризопроизводителите при откупот нивниот род се проценува различно и за нив со крајно неповолен рандман. Процентите се различни од еден до друг откупувач и секогаш е во корист на откупувачите. Се сомневаат дека тие имаат свои мерни инструменти кои како да се наштимани со цел што повеќе да му се одбие на производителот од неговата добивка. Итрите земјоделци дури направиле тест, ист ориз да биде однесен кај 5 октупувачи и сите покажале различни проценти од 10 до 30 насто рандеман.
Тој како производител на јаболка додава дека крајно проблематични се сите увози на храна за која Македонија оваа година ќе потроши вкупно една милијарда евра. Не само што се обезвреднува домашното производство, туку со таквиот некотролиран, непроверен и манипулативен увоз се деградираат и крајните потрошувачи и сите граѓани кои без да знаат купуваат бајат увозен производ. На пример, увозниот ориз е стар неколку години, а крајнот рок е 5 години. Истата судбина ја имаат и јаболкарите затоа што од соседството се увезува стара, складирана јаболка од пред 2-3 години, а нашата пресна јаболка поради немање адекватен откуп останува необрана и скапува.
Каракашев и Арсов очекуваат на неделниот собир во Облешево да присуствуваат сите заинтересирани земјоделци и дадат придонес во трибината. Не се поканети државни претставници, но ако некој дојде, велат ќе ги сослушаат. На собирот ќе бидат донесени заклучоци врз основа на кои ќе се изготват барања кои на писмено ќе бидат доставени до Владата и Министерството за земјоделство како последен обид македонскиот аграр да се подобри и да има други развојни димензии, да се изготват посебни национални стратегии за сите агросфери, земјоделците да имаат поголем и поквалитетен род, нивниот труд адекватно да се вреднува, а со тоа и тие да имаат пристоен живот.
Т. ЈОВАНОВСКИ