СТРМНИ И НЕБЕЗБЕДНИ СЕ РАМПИТЕ НА ПЛОШТАДОТ РЕКОНСТРУИРАН ЗА 835.000 ЕВРА, СОВЕТНИЦИТЕ НА „РЕД ЗА КУМАНОВО“ БАРААТ РЕВИЗИЈА НА ПРОЕКТОТ

    СТРМНИ И НЕБЕЗБЕДНИ СЕ РАМПИТЕ НА ПЛОШТАДОТ РЕКОНСТРУИРАН ЗА 835.000 ЕВРА, СОВЕТНИЦИТЕ НА „РЕД ЗА КУМАНОВО“ БАРААТ РЕВИЗИЈА НА ПРОЕКТОТРеконструкцијата на плоштадот пред Центарот за култура во Куманово започна во јануари 2024 година и по две години сè уште не е завршена. (Фото: СДК.МК)

    Пристапните рампи на реконструираниот мал плоштад во Куманово не се направени според пропишаните стандарди за безбедно движење на лицата со попреченост и со инвалидитет, сметаат независните советници од „Ред за Куманово“. Тие велат дека тоа го отежнува секојдневното движење на оваа категорија граѓани и ја загрозува нивната безбедност.

    „Рампите имаат несоодветен нагиб, агол, ширина и должина, поради што не само што не се пристапни, туку се и опасни кога ги користат лица со попреченост, инвалиди, родители со колички или стари кои имаат отежнато движење. Ниту една не ги задоволува потребните критериумите. Сите се многу стрмни, а таму каде што патеката е многу долга нема дел за одмор, за да нема забрзување при симнување или претешко качување. На ниту една рампа нема заштитна ограда која треба да биде безбедност и помагање. Пред Центарот за култура, пак, воопшто нема пристап за овие лица кои сакаат да влезат во институцијата, додека една од пешачките патеки завршува на скалички кои водат директно на сообраќајница која нема тротоар ни пешачки премин, што е крајно опасно за децата кои се движат тука“, вели советникот Југослав Спасиќ.

    Тој и неговиот колега, советникот Иван Петковски, сметаат дека Општината како инвеститор требало да води повеќе сметка не само при реализацијата, туку и при изработката на проектот, за да плоштадот биде функционален за сите граѓани. Тие бараат ревизија на проектот и предлагаат на терен да излезат градежни и сообраќајни инженери кои ќе дадат нови решенија.

    „Нашата забелешка е дека неефикасно се потрошени средства кои не дадоа суштинска реконструкција, туку површно обновување, кое не му дава нова функција на плоштадот. Општина Куманово има проблeм со изведувaчите, но според мене, проблем има и во самиот проект и во нарачката. Дали Општината ќе преземе конкретни мерки да обезбеди плоштадот да биде безбеден и попристапен“, прашуваат советниците Спасиќ и Петковски.

    Градоначалникот Максим Димитриевски смета дека, и покрај критиките, состојбата со реконструираниот плоштад е далеку подобра од порано и најавува дека ќе се коригираат одредени пропусти, без да прецизира кои.

    „Водиме спор со првиот изведувач, а можеби ќе водиме и со вториот, кој има обврска да санира дел од работите кои беа лошо направени. Се надеваме дека исходот ќе биде позитивен за Општината, бидејќи доказите се на наша страна. На тој плоштад останува уште наводнувањето, озеленувањето, хортикултурното уредување, да се доврши платото зад катната гаража и Центарот за култура и да се коригираат пропустите на сегашниот изведувач, кои ги имаме нотирано. Оние ракофати никогаш ги немало и ги нема во проектната документација, но ќе ги поставиме како урбана опрема“, кажа Димитриевски.

    Реконструкцијата на плоштадот пред Центарот за култура во Куманово започна во јануари 2024 и по две години сè уште не е завршена. Првично беше предвидено реконструкцијата да чини 770.000 евра, а потоа беа издвоени уште 4 милиони денари или 65.000 евра за ставките кои не биле ставени во првичниот договор.

    Поради лошиот квалитет на изведбата и користење на материјали кои не биле предвидено со проектот, договорот беше прекинат, и Општината ја тужи фирмата изведувач и надзорот, по што избра нова фирма да го доврши започнатото.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира