СТРОГА ЗАШТИТА, А НЕ НОВИ ГРАДБИ НА ВОДНО, ПОБАРАА ЕКСПЕРТИТЕ НА ЈАВНАТА РАСПРАВА ЗА НОВАТА СТУДИЈА НА ГРАД СКОПЈЕ

    СТРОГА ЗАШТИТА, А НЕ НОВИ ГРАДБИ НА ВОДНО, ПОБАРАА ЕКСПЕРТИТЕ НА ЈАВНАТА РАСПРАВА ЗА НОВАТА СТУДИЈА НА ГРАД СКОПЈЕЕкологистите имаа забелешка и на нискиот степен на предложена заштита за Водно – петта категорија, во споредба со паркот Гази Баба, кој е многу помал и со поскромно значење, а има заштита од четврта категорија. Тоа што на Водно денес има повеќе садена шума која не е автохтона не смее да му ја намали важноста и вредноста, бидејќи оваа планина има и безбедносна функција за заштита од поплави и порои, рекоа експертите на јавната расправа за новата Студија за валоризација на заштитено подрачје парк-шума Водно на Град Скопје. (Фото: Мета)

    Јавната расправа по новата Студија за валоризација на заштитено подрачје парк-шума Водно помина со бројни критики за предвидениот начин и обем на заштита од претставници на еколошките здруженија и на експерти од Шумарскиот факултет во Скопје.  Студијата треба да му претходи на донесувањето на закон за заштита на Водно, ветен од  Владата по минатогодишните протести на еколошките здруженија за заштита на планината од изградбата на трасата на гасоводот на негова територија.

    „Водно е клучно за квалитетот на амбиентниот воздух во Скопје и квалитетот на животната средина. Оваа студија доаѓа во моментот кога околу 90% од градежните активности за изградба на гасоводот на Водно се завршени и кога 100% од дрвјата кои беа на трасата предвидена за гасовод се пресечени – може да заклучиме дека, освен помали проблеми, изградбата течеше во согласност со предвиденото и не се случија поголеми штети“, рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

    Тој кажа дека значењето на Водно од аспект на биодиверзитетот е големо, а напорите на Град Скопје се насочени кон зачувување на природата и заштитата од пожари. Шилегов најави скорешна изработка на студијата за туристичко-рекреативен центар Водно, маркирање на постојните планинарски патеки  и изработка на мапа со тежина на рути и маркација со GPS.

    „Особено внимание посветуваме на велосипедизмот и користењето на патеките од страна на пешаците и планинарите“, рече Шилегов.

    Од иницијативата „Го сакам Водно“ потсетија дека беше ветена изработка на специјален закон за заштита на Водно, чијашто поента беше заштита на планината од натамошна урбана експанзија. Екологистите имаа генерална забелешка дека во студијата границите на парк-шума Водно се намалени, односно од скоро 4.500 хектари површината е намалена на нешто повеќе од 3.900, на сметка на Општина Сарај, Општина Карпош, Општина Центар, Општина Сопиште, но и Матка, дека самото зонирање како што е предложено, остава простор за идна злоупотреба.

    „Студијата предвидува зона на строга заштита, од само 7% од територијата на Водно. Најголемиот дел паѓа под зона на активно управување (53%), но и прилично голем дел, скоро 40%, е карактеризирано како Зона на одржливо користење. Токму во последнава зона за нас проблематични се некои дозволени активности, како на пример домување, собирање и сеча на гранки и дрвја, нови објекти за ресторани и угостителство, инфраструктура, традиционално но и интензивно земјоделство. Од каде потребата за нови туристички објекти на Водно кога овие постојните со децении пропаѓаат?“, прашаа од „Спас за Водно“.

    Екологистите имаа забелешка и на нискиот степен на предложена заштита – петта категорија, а во споредба со него, на пример паркот Гази Баба, кој е многу помал и со поскромно значење ужива заштита од четврта категорија.

    „Водно е пошумено за да претставува систем на заштита на Скопје од катастрофални поплави и порои и за таа цел беше пошумувано со експлозив и била насипувана земја, бидејќи претставува карстно подрачје каде тешко успева вегетација“, потсети Иван Блинков, професор од Шумарски факултет од Скопје, критикувајќи го начинот на кој е валоризирано Водно во студијата.

    Според него, тоа што на Водно денес има повеќе садена шума која не е автохтона не смее да му ја намали важноста и вредноста бидејќи, настрана природните вредности кои ги има пределот, оваа планина има и безбедносна функција.

    „Можеби е модерно да се потценуваат насади на неавтохтона вегетација, но што ако токму такви дрва се покажале поиздржливи и повредни онаму каде што ги немало природно туку се насадени со пошумување, каков што е случајот со Водно. Ако се сака да се заштити Водно, важно е да се спречи во иднина поради судир на интереси на општините и другите институции на Водно да се натегаат околу ингеренции како што видовме дека се случи со дивоградбите на Матка“, рече деканот на Шумарскиот факултет во Скопје Кирил Сотировски, кој патем упати критики кон Градот дека како стручна институција ненавремено биле поканети на презентацијата, прашувајќи се дали е во прашање превид или можеби интенција. Тој рече дека смета оти се правилни забелешките кои ги имаат од „Го сакам Водно“.

    Од Градот најавија рок од 30 дена, во кој сите заинтересирани страни ќе можат да ги испратат своите предлози и сугестии за подобрување на студијата за Водно, и дека по нив ќе биде организирана уште една јавна расправа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира