Стотина струмичани се јавија на првиот донаторски кружок на Центарот за истражувања и анализи „Новус“ за да донираат пари за иницијативите што ги покренаа три граѓански здруженија од регионот. Со подигање палки, граѓаните даваа по 500, 1.000 и 1.500 денари за да може да се реализираат работите што ги покренаа здруженијата „Мобилност“ од Струмица и ,,Говорот на срцето “ од Босилово и велосипедскиот клуб „Актив“.
„Мобилност“ покрена иницијатива да се соберат средства за да се поправи комбето со кое се превезуваат лицата со телесен инвалидитет. „Говорот на срцето“ побара средства за работилници за да им се помогне на родителите кои имаат деца со аутизам, додека ВК „Актив“ покрена иницијатива за проширување на кампингот на Беласица со нови бараки за престој и одмор на рекреативците.
„Нѐ радува интересот што се јави кај струмичани за донирање. Можеби за некого тоа се малку пари, но за здруженијата овие средства се повеќе од неопходни. Нашата цел беше да направиме мали дела на добрина со кои заеднички можеме да го подобриме животот во заедницата. Ова се иницијативи кои дојдоа од граѓанските здруженија. Тие ги преставија пред граѓаните кои сами одлучуваа каде да донираат. Ќе продолжиме и во иднина да организираме вакви донаторски кружоци оти само со заеднички сили можат да се подобрат нештата“, ни изјави Саве Џурновска од Центарот за истражување „Новус“ од Струмица.
Беа собрани околу 135.000 денари, што ќе одат за трите граѓански иницијативи од кои бенефит би имала целата заедница. Претставниците на здруженијата изразија благодарност и соопштија дека со овие средства ќе можат да ги отпочнат иницијативите, а ќе бараат средства и од други извори.
„Новус“ го реализираше донаторскиот кружок во соработка со „Конект“, која веќе пет години се обидува да ја воведе филантропијата како нов начин на заедничко вложување во локални иницијативи и проекти.
В. ТРАЈКОВ