СТРУМИЦА ЌЕ ГРАДИ СОЦИЈАЛНА НАСЕЛБА СО СТОТИНА КУЌИ, СО КОЈА ЌЕ СЕ РЕШИ И ПРОБЛЕМОТ СО ДИВОГРАДБИТЕ ВО ТУРСКО МААЛО

    СТРУМИЦА ЌЕ ГРАДИ СОЦИЈАЛНА НАСЕЛБА СО СТОТИНА КУЌИ, СО КОЈА ЌЕ СЕ РЕШИ И ПРОБЛЕМОТ СО ДИВОГРАДБИТЕ ВО ТУРСКО МААЛОНаселбата ќе се гради во месноста Чамлк на површина од 3,3 хектари (Фото: СДК.МК)

    Струмица ќе добие социјална нaселба во која ќе се сместат ранливи категории граѓани, но и жители од дивоградбите, подигнати на влезот во градот. Општината по распишаната јавна набавка склучи договор со градежна компанија, која за 1,5 милиони евра треба да изведе сообраќајна и комунална инфраструктура на површина од 3,3 хектари, на која треба да се изградат стотина типски куќи.

    Градоначалникот Костадин Костадинов вели дека станува збор за прва фаза од целиот проект, а според склучениот договор, фирмата „Жикол“ од Струмица ќе мора во рок од 12 месеци да ги изведе сообраќајната инфраструктура, канализацијата и уличното осветлување и да изгради потпорни ѕидови.

    Решаваме децениски проблем на булеварот Климент Охридски, односно со дивоградбите во долното Турско Маало, во кое не само што има лоши услови за живот, туку и не е безбедно поради големата фреквенција на сообраќајот. Ќе обезбедиме солидни станбени објекти за сите социјално загрозени семејства и од долното и од горното Турско Маало и никој нема да остане без покрив над глава“, објави Костадинов.

    Според него, плаќањето на обврските кон изведувачот на овој проект ќе се реализира во две фискални години. Во оваа фаза не е планирана изградба на водоводна инфраструктура. За реализацијата на целиот проект, како што најави Костадинов, ќе се бараат средства и од меѓународни фондови. Средствата за првата фаза во висина од 126 милиони денари општината ги доби од Владата и тие се строго наменски за изградба на социјална населба.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира