СТРУЖАНЕЦОТ ВАСКО ЈОЛЕСКИ ЕДНА ГОДИНА ЖИВЕЕ СО МЕХАНИЧКО СРЦЕ И Е АКТИВИСТ ЗА ДОНИРАЊЕ ОРГАНИ, НАЈМЛАДИОТ КОЈ ЧЕКА СРЦЕ ИМА 14 ГОДИНИ

    СТРУЖАНЕЦОТ ВАСКО ЈОЛЕСКИ ЕДНА ГОДИНА ЖИВЕЕ СО МЕХАНИЧКО СРЦЕ И Е АКТИВИСТ ЗА ДОНИРАЊЕ ОРГАНИ, НАЈМЛАДИОТ КОЈ ЧЕКА СРЦЕ ИМА 14 ГОДИНИВаско Јолески се надева дека механичкото срце ќе го одржува во живот во наредните 15 години, по што ќе биде неопходна трансплантација. (Фото: СДК.МК)

    Стружанецот Васко Јолески (36) од 2011 има дијагностицирана срцева слабост и веќе една година живее приклучен на батерии, со вградена пумпа во срцето. Начинот на живот е диктиран од самата болест и вклучува намалена физичка активност, строг режим на исхрана и примање течности и зголемена чувствителност на временските прилики. Вели дека животот не е лесен, но кога не може поинаку, не е лошо и така.

    „Да не го ставија тоа апаратче, јас немаше да бидам тука. Овој уред бара многу голема дисциплина и многу средства за лекови и суплементи. Последниве две години, срцето толку ми ослабна, што имаше активност помала од 20 проценти. Првин се обратив во Кардиоваскуларниот завод во Охрид, каде што успешно ме лекуваа долги години кај д-р Никола Бакрачески и д-р Елена Башуроска, но дојде моментот кога веќе ништо не можеше да се направи со лекови и беше потребно вградување на механичка потпора. Во клиниката на Жан Митрев ми кажаа дека тоа е единствениот начин за продолжување на мојот живот до изнаоѓање трајно решение. Пазарот на органи во Македонија е многу мал, односно не постои. Имаме само една трансплантација на срце досега. Органодарителството е на многу ниско ниво и затоа овие уреди се преодно до трајното решение, односно ново срце“, вели Јолески.

    Коронапандемијата ја отежнала целата постапка за имплементација на апаратот. По веќе закажана операција, Васко се разболел од ковид-19, па морал да се лекува во болнички услови.

    „Само што ме отпуштија од болница, каде што успеав да се изборам со вирусот, уследи забрана за меѓународен поштенски сообраќај и тоа ја искомплицира ситуацијата. Не можеше државата да го набави уредот, па помина уште еден месец неизвесност. Буквално во последните часови ми го продолжија живот. Во многу тешка состојба бев примен во клиниката ‘Жан Митрев‘, но, за среќа, докторите успеаја да извојуваат победа за продолжување на мојот живот“, раскажува Јолески.

    Јолески, кој е претседател на здружението на пациенти со механичка потпора на срцето и нивните поддржувачи „Храбро срце“, вели дека секојдневието им е борба за живот, но и за подигнување на свеста за донирање органи. Во земјава, 30-ина пациенти чекаат трансплантација на срце. Најмладиот има само 14 години.

    „Потребно е да се зголеми свеста кај населението за органодарителството, бидејќи нема поблагодарна работа од тоа да подарите некому живот“, апелира Васко, кој се надева дека неговото механичко срце ќе го одржува во живот наредниве 15 години, по што ќе биде неопходна трансплантација.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира