Студентската организација на Медицинскиот факултет во Штип на плоштадот Слобода отвори пункт за собирање хуманитарна помош за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија. За само еден ден, собрани се над еден тон конзервирана храна и флаширани пијалаци и десетици илјади денари.
Организаторите велат дека одзивот на штипјани е мошне голем. Донираат кој што може, како храна во конзерви, пакети сокови и вода, ќебиња и јакни, но најмногу пари. Донаторите се од сите возрасти.
„Штом добивме насоки за собирање хуманитарна помош, ние студентите по општа медицина веднаш се организиравме. Ни беше кажано дека наредниот конвој камиони со хуманитарна помош од Македонија за Турција ќе замине утре, па затоа брзаме да собереме што повеќе“, вели главниот организатор Антонио Денковски, студент од втора година.
Во смени, пунктот го опслужуваат десетина македонски студенти, заедно со нивните колеги од Турција. Во Штип има над 1.000 студенти од Турција, од кои 400 се запишани во оваа студиска година.
Собирен пункт во Штип отвори и турската заедница, во соработка со Општина Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ