Проблемот во студентскиот дом „Пелагонија“ е многу сериозен и таму е назначена нова директорка, рече министерката за образование Весна Јаневска денеска во Битола, одговарајќи на новинарско прашање што се прави за да се подобрат состојбите во домот каде студентите се жалеа дека нема топла вода, лоша е храната и нефункционални се лифтовите.
„Го затекнав домот со 34 милиони денари (околу 550.000 евра – н. з.) долг. Во овој момент правиме обиди барем плата да им исплатиме на вработените зашто ако нема вработени ни студентите не можат да бидат во студентскиот дом. Веќе неколку дена има ново раководство, жена е, се надевам дека како мајка и енергични како што се жените, ќе почне да го доведува домот во ред. Основно што треба да се направи е да се обезбеди топла вода, исхрана на студентите. Чекор по чекор ќе средуваме и сè понатаму“, рече Јаневска.
Таа додаде дека ќе се реновираат сите студентски домови во државата, но прво мора да се заврши со реконструкцијата на двата дома во Скопје, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стин Наумов“.
„Обезбедените средства се доволни само за двата почнати дома, па Владата обезбеди дополнителен заем за да можеме да ги реновираме сите студентски домови во државата“, рече Јаневска.
Таа денеска во Битола го прогласи Средното техничко училите „Ѓорги Наумов“ за регионален центар за стручно образование во регионот Пелагонија. Најави дека ќе започне процес на средување на инфраструктурата и опремување во модерен центар каде државата ќе вложи пари.
Ж. ЗДРАВКОВСКА