Служителот Ј. Т. истепал ученик во Основното училиште „Коле Канински” во Битола, потврдија од битолската полиција. Инцидентот се случил во саботата, кога училиштето одработувало работен ден, и тоа при крајот на големиот одмор.
Според очевидци, кавгата меѓу служителот и деветтоодделенецот настанала поради лименка со кока-кола која била оставена крај прозорецот. Лименката паднала, служителот побарал ученикот да ја крене, а тој одбил, по што се случил конфликтот.
Од битолската полиција потврдија дека родителите и ученикот случајот го пријавиле, а детето кажало дека било удрено од служителот. Од полиција велат дека детето било прегледано и во болница и имало видливи повреди. Против служителот е поднесена прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир.
Од Клиничката болница во Битола потврдија дека ученикот бил прегледан и биле констатирани набиеници и гребаници.
„Во саботата, во нашата установа беше примено лицето А. С. родено 2003 година. Беше примено на Ургентното одделение и препратено до Максилно-фацијална хирургија. Таму биле утврдени огреботини и набиеници по лицето и вратот и биле санирани. Пациентот е пуштен на домашно лекување”, рече Сузана Коневска, портпарол на Болницата.
Од училиштето го осудија настанот и изјавија дека служителот кој работи дваесетина години е суспендиран.
„Училиштето ги презеде сите мерки, ја извести полицијата по кратко време откако се случи чинот, па Државниот просветен инспекторат. Вработениот е суспендиран, свикана е дисциплинска комисија која ќе го истражува настанот. Се надевам ќе се расветли во иднина и сите правни процедури ќе бидат спроведени до крај”, рече директорот Зоран Мирчевски.
Ова не е единствен случај за насилство врз ученик. Минатата недела, матурантки од средно училиште во Битола нападнале соученичка по часови надвор од школото. Исто така, во битолско село родители се пожалија дека наставник му се заканувал на ученик оти ќе го фрли по скали.
Ж. ЗДРАВКОВСКА