Работници од денес наутро го рушат шадрванот во центарот на Битола. Работниците ни рекоа дека ќе ги отстранат сите камења од кои е граден постепено зашто градот ќе градел нов и поубав.
Од Oпштина Битола не одговорија на нашите телефонски повици.
Шадрванот се наоѓа во напосредна близина на Јени џамија чија реставрација е во завршна фаза. Останат е од отоманско време и без разлика што во последните години ја имаше изгубено функцијата на фонтана, односно од него не течеше вода, сепак беше симбол на Битола.
Шадрванот како и чешмата што е во негова непосредна близина се опеани во една од омилените песни на Кемал Ататурк која на Интернет е слушана над 1,6 милиони пати. Таткото на модерна Турција Ататурк во Битола завршил воена гимназија пред повеќе од еден век кога постоеле шадрванот и чешмата.
Битолчани чекаат одговори што Општината планира да прави на местото на шадрванот и зошто ова градежните активности се одвиваат пред избори.
Ж. ЗДРАВКОВСКА