Како научно недоистражена и контроверзна ја оценуваат истражувачите таканаречената Битолска плоча, артефакт врз кој битолското културно лето „Битфест“ годинава ќе го носи мотото „1000 години од името Битола“. Општината и директори на културни установи вклучени во „Битфест“ сметаат дека на плочата за првпат пред околу еден милениум се споменува името на градот Битола. Иако на одржаната прес-конференција не знаеја да посочат точно од која година е натписот, дали од 1014, 1015 или 1016 година, сепак, одговорија дека „не се работи за минути, туку за историја која треба да биде гордост на сите битолчани во услови кога Москва слави 700 години именден, а Санкт Петербург 300 години“.
Плочата беше пронајдена при рушењето на старата Ески џамија во центарот на Битола во 1956 година. Александар Литовски, доктор по историја вработен во битолскиот Завод и музеј каде што се чува овој артефакт, вели дека таа не е научно доистражена, различни научници различно ја читаат, па неопходна е понатамошна научна анализа за да се утврди што точно пишува на текстот.
„Контроверзна е зашто Бугарите премногу ја експлоатираа во обид да докажат бугарски карактер на Македонците и Македонија. Направија многу копии кои висат по музеите во Бугарија. Некои истражувачи читаат на неа дека Иван Владислав (внук на цар Самоил) се опишува како за цар на Бугарите. И годината е спорна, зашто некои научници од натписот читаат година, а некои не“, вели Литовски.
Натегањата меѓу научниците траат со години. Историчарите Владимир Мошин и Јован и Василика Заимови тврдеа дека плочата е од Иван Валдислав, а познатиот славист Хорак Лунт дека тоа е артефакт од бугарски цар Јоан Асен Втори од 13 век. Тим од битолскиот Завод и музеј, кој пред неколку години ја истражуваше темата, тогаш тврдеше дека плочата е од катедрална црква на Битолско кале каде ја поставил внукот на Самоил , Владислав.
„Има научници кои тврдат дека е од 13 век, па и да е така, тоа се 700 години. На симпозиумот што ќе се одржи на „Битфест“ ќе се каже подетално од кога е, но важно е дека тука за првпат стои името Битоља онака како што зборувале нашите стари. Има и други натписи дека го носиме тоа име од Самоиловата држава, дури се знае дека овој град бил престолнина на Гаврило Радомир. На нашиот општински грб имаме полно право да ставиме царска круна“, вели Зоран Алтипармаков, директор на битолскиот Завод и музеј.
Симпозиумот за Битолската плоча ќе се одржи во август, кога научниците ќе ги ги вкрстат согледувањата за неа. Дотогаш ќе биде изработен плакат за Битфест кој ќе содржи царска круна.
„Ќе направиме еден плакат за Битфест каде во средишетето ќе го имаме грбот на градот со круна царска македонска, до почетокот на Битфест ќе биде готов и ќе го плакатираме целиот град. Битно е да биде во знакот на еден милиениум од името на градот. Името, кое без разлика како е најдено, кога е најдено, оставаме историчарите да кажат, го обележува нашето живеење и мислам дека е многу важно“, рече битолскиот градоначалник Владимир Талески.
Ж. ЗДРАВКОВСКА