Уште еден инцидент се случи во тетовската Клиничка болница.
Според информациите добиени од СВР Тетово, вчера околу 12:30 часот, 24-годишниот Ф. Ш. од тетовското село Боговиње извадил пиштол на Гинеколошкото одделение и се заканил на медицинска сестра која му наплатила за болнички услуги за неговата сопруга. По пријавата на случајот, полицијата веднаш интервенирала и Ф. Ш. и неговиот татко А. Ш., кој бил со него, биле задржани во полициската станица во Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот. Од тетовската полиција најавуваат дека против Ф. Ш. ќе биде изготвен соодветен поднесок и дека му бил одземен гасен пиштол „екол алп“, калибар девет милиметри, со празна рамка.
Од болнички извори дознаваме дека на 1 февруари Ф. Ш. ја донел својата сопруга на Гинеколошкото одделение, каде била задржана. Со оглед на тоа што таа немала здравствена книшка, бидејќи Ф. Ш. бил на работа во Словенија, тој морал да остави кауција, за што му била издадена соодветна потврда. Во меѓувреме, Ф. Ш. успеал некако да извади здравствена книшка и на 3 февруари дошол во болницата да ја земе сопругата и да ги поврати парите што ги приложил. Но, парите не можел да ги поврати во целост бидејќи здравствената книшка му важела од 3 февруари, а не од 1 февруари од кога неговата сопруга била задржана. Револтиран поради ова, тој го извадил пиштолот што го носел со себе и почнал да им се заканува на медицинската сестра која работела на шалтерот и на други медицински сестри кои се нашле тука. Тој мавтал со пиштолот и низ ходникот на болницата сѐ додека не дошла полиција.
Досега во тетовската болница се случија неколку посериозни инциденти во кои беа нападнати
доктори и на кои им беа нанесени сериозни повреди.
З. АНДОНОВ