ТЕТОВЕЦОТ РАЗИЈА САЛОВСКИ СО 141 ПАТ ДАРУВАЊЕ КРВ Е РЕКОРДЕР, ВЕЛИ ДЕКА И ПОНАТАМУ ЌЕ ПРОДОЛЖИ СО ОВАА ХУМАНА АКТИВНОСТ

    ТЕТОВЕЦОТ РАЗИЈА САЛОВСКИ СО 141 ПАТ ДАРУВАЊЕ КРВ Е РЕКОРДЕР, ВЕЛИ ДЕКА И ПОНАТАМУ ЌЕ ПРОДОЛЖИ СО ОВАА ХУМАНА АКТИВНОСТ„После дарување крв јас се чувствувам многу позитивно, се зголемува расположението“, вели Саловски. (Фото: СДК.МК)

    Тетовецот Разија Саловски досега има дарувано крв 141 пат и тоа го става во редот на рекордерите во крводарителство во југозападниот дел од земјава. Почнал да дарува крв уште како средношколец и таа негова хуманитарна активност продолжува да ја обавува во до ден денес. Вели дека воопшто нема причина и понатаму да не биде активен крводарител, бидејќи крводарителството нема негативни страни, додека позитивните се многубројни.

    „Крводарителството го сфатив не како должност или обврска туку како хуман гест и затоа продолжив редовно да дарувам крв. Моја голема предност е што имам многу ретка крвна група, а тоа е нулта негатив. Таа е една од најретките крвни групи и луѓето кои ја имаат оваа крвна група смеат да ја примаат само неа, а не можат од другите крвни групи. Значи почнав како средношколец, а кога се вработив продолжив со оваа моја хумана дејност. Дарувам крв каде што е потребно, најчесто во тетовскиот медицински центар, но сум дарувал и на други места како Битола, Дебар и други градови“, вели Разија Саловски, крводарителот рекордер.

    Кога зборува да дарувањето крв Саловски секогаш со голем ентузијазам ги потенцира позитивните страни на крводарителството. Тоа, како што вели, го кажува од своето лично, повеќегодишно искуство како крводарител.

    „Дарувањето крв јас го делам да два дела, на неговата негативна страна и на позитивната страна. Негативната страна е само една голема нула, ништо повеќе. Таму нема никакви контраиндикации, компликации, некаква штета на здравјето и организмот. Наспроти ова, позитивната страна на крводарителството е многустрана. Кога ќе дадеш крв се активира коскената срж која почнува засилено да произведува бели крвни зрнца, а тоа е нашата војска што ни го чува организмот. После дарување крв јас се чувствувам многу позитивно, се зголемува расположението. Знам дека со крводарувањето се намалуваат ризиците од болести, од мозочен удар, тоа добро влијае против кардиоваскуларните болести, всушност позитивно делува за сиот организам на човекот“, зборува Саловски за позитивните страни на крводарувањето.

    Освен што е крводарител-рекордер, тој е и активен планинар и поборник на здравиот начин на исхрана. Порачува и другите да го следат неговиот пример, додека пак на институциите им предлага повеќе да работат на информирање на граѓаните за придобивките од крводарувањето.

    „Ме радува што гледам дека има и млади лица кои даруваат крв. Јас многу би сакал некој од овие млади лица да ме следи но и да ме престигне по бројот на крводарувања и тогаш ќе бидам најсреќен. Знам дека има некои од младите кои се плашат, некои пак не се доволно информирани. Затоа, за што повеќе да се афирмира крводарителството мислам дека треба еднаш или барен на два месеци по школите да има предавања за важноста на крводарителството и така младите да се информираат и да се стимулираат и тие да станат крводарители“, вели тој.

    За својата долгогодишна хумана активност во крводарителството, Разија Саловски, по повод 19 Ноември – Денот на ослободување на Тетово од фашизмот, доби признание за Хуман граѓанин на Тетово.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира