ТЕТОВКАТА СКАДРИНКА СТАМЕНКОВСКА НАД 20 ГОДИНИ ЖИВЕЕ САМА ВО ПЕНЗИОНЕРСКИОТ ДОМ ВО ТЕТОВО

    ТЕТОВКАТА СКАДРИНКА СТАМЕНКОВСКА НАД 20 ГОДИНИ ЖИВЕЕ САМА ВО ПЕНЗИОНЕРСКИОТ ДОМ ВО ТЕТОВОСкадринка засега останува да живее во Пензионерскиот дом и се надева дека ќе може наскоро да го подмири долгот за киријата. (Фото: СДК.МК)

    Тетово има над 14.000 пензионери и еден пензионерски дом изграден во почетокот на 1970-тите. Освен ресторанот, заедничките простории и канцелариите во кои се сместени административците од Здружението на пензионери на Тетово, Пензионерскиот дом има и 11 простории кои биле наменети за престој на пензионери кои останале сами и немале свој дом. Но, од тие 11 соби, денес во функција е само една, во која во последниве дваесетина години живее пензионерката Скадринка Стаменковска.

    „Во Пензионерскиот дом сум сигурно повеќе од дваесет години, и јас веќе не паметам кога точно сум дојдена. Животната судбина ми направи да немам каде да одам, па бидејќи бев пензионерка, ми дадоа една соба, колку да ме сместат и, еве, сè уште сум тука со години. Последниве десетина години живеам сосема сама, бидејќи горе на катот од домот каде се собите никој нема, само сум јас тука. Преку ден, кога е убаво времето, најчесто сум во дворот од Пензионерскиот дом, ќе поседам малку на клупата, ќе помуабетам со некого, колку да пројде денот. Навечер сум сама, ќе се заклучам во собата и не излегувам. Но, иако сум сама во толкава зграда, воопшто не ми е страв“, вели Стаменковска.

    Пред повеќе години, таа самата дала пари да ѝ се реновира собата во која сега живее, бидејќи била многу запустена. За вода и струја не плаќа, туку само плаќа 1.500 денари за кирија. Но, и за ова не платила во последниве десет месеци. Вели многу заглавила со кредити и пензијата што ѝ доаѓа ѝ ја земаат извршителите.

    „Вода и струја не плаќам, тоа оди на сметка на Пензионерскиот дом, а за киријата навистина немам платено за десет месеци. Сакам да платам ама блокирана ми е сметката, бидејќи земав кредити за други лица. Непромислено влегов во долгови и сега пензијата кога ќе дојде, ми ја земаат извршителите. Жал ми е што се случи ова, ама што да правам. Сместување имам, ама за храна се снаоѓам како знам и умеам. Морам да кажам дека од раководството на Пензионерскиот дом се навистина добри луѓе, ама не знам до кога ќе можат вака да ме трпат“, се жали Стаменковска.

    Од раководството на Пензионерскиот дом велат дека тие немаат ништо против Скадринка, но има негодување од другите пензионери зашто трошоците за вода и струја ѝ ги плаќа Здружението, а сега и со киријата касни повеќе месеци.

    „Во 2022 Скадринка имаше долг од 7.000 денари, но тој долг ѝ го избришавме и се договоривме да почне редовно да ја плаќа киријата, дури ја намаливме од 2.000 на 1.500 денари месечно, само за да ѝ олесниме. Но, ни ова не помогна, па повторно се создадоа неплатени сметки за 10 месеци. Имаме многу реакции од пензионерите, велат зошто даваш од нашите пари, зошто само таа да добива ваква помош и не мора да плаќа за струја, вода и кирија? Ние навистина сакаме да ѝ помогнеме, но не знаеме до кога ќе може вака“, вели Селвер Мемети, претседател на Извршниот одбор на Здружението на пензионери од Тетово.

    Скадринка засега останува да живее во Пензионерскиот дом и се надева дека ќе може наскоро да го подмири долгот за киријата.

    Собите за сместување во домот со тек на времето не биле соодветно одржувани, пензионерите кои тука живееле или се отселиле или починале, па сега, освен таа на Скадринка, другите 10 соби се сосема запуштени и неупотребливи за живеење.

    „Имавме идеја, разговаравме со градоначалниците на сите општини во Тетовскиот Регион и им понудивме секоја општина со свои пари да реновира и опреми по една соба во која би се сместиле пензионери од нивните општини, но никој не беше заинтересиран за вакво нешто. Од Општина Тетово не добиваме никаква поддршка. Баравме со одредена сума да влеземе во буџетот за 2024 година, но нашето барање не беше ниту разгледано, а не пак прифатено. Ние навистина немаме пари да влеземе во една таква инвестиција. Но, наскоро, најверојатно ќе мораме нешто да преземеме. На добар пат сме конечно да го приватизираме и земјиштето на кое се наоѓа Пензионерскиот дом. Објектот веќе ни е приватизиран, па откако ќе се заврши и оваа процедура, ќе можеме полесно да се договориме со евентуални инвеститори што да правиме понатаму“, вели Мемети.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира