ТЕТОВО НАЈЛОШ ГРАД ЗА ЖИВЕЕЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА, СПОРЕД НЕФОРМАЛЕН ИЗБОР НА ТИКТОК

    ТЕТОВО НАЈЛОШ ГРАД ЗА ЖИВЕЕЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА, СПОРЕД НЕФОРМАЛЕН ИЗБОР НА ТИКТОКТетовците се поделени за изборот, градските власти велат дека не го признаваат (Фото: СДК.МК)

    На социјалната мрежа ТикТок деновиве се појави видео во кое се мапирани градови кои, како што се вели, биле најлоши за живеење. Како такви се наведуваат Варна во Бугарија, Белград во Србија, Франкфурт во Германија, Ѓаково во Хрватска, Целје во Словенија, а во Македонија е Тетово. Објавеното видео набрзо станало вирално со над милион прегледи.

    Со оглед на тоа што не се наведени критериумите врз кои се оценувал квалитетот на живеењето во градовите, а не се знае и дали стручни лица ја правеле таа категоризација, видеото предизвика бројни полемики на социјалните мрежи.

    Поаѓајќи од оваа констатација, ги прашавме тетовци дали Тетово навистина е најлошиот град за живеење во Македонија. Нивните мислења беа поделени.

    „Лошо е за живеење. Многу е загадено, улиците се раскопани и уште што не“, вели еден тетовец, а со него се согласуваат и други сограѓани.

    „Да, најлош град е. Многу е валкано, има многу кучиња по улиците, а децата одат во училиште со страв. Мора некој да ги носи до училиште“.

    „Така е, најлош е. Јас живеам во центар, а погледнете колку ѓубре има насекаде. Вакво нешто никаде го нема“.

    Дел од тетовци не се согласуваат со објавата на ТикТок.

    „За мене е најдобар град за живеење. Тука е Попова Шапка, градот се чисти, но малку има проблем со сообраќајот, полицијата треба повеќе да води сметка за тоа. За жал, младите заминуваат барајќи работа, но за нас пензионерите е добро“.

    Општината се оградува од оценката дека Тетово е најлош град за живеење во Македонија.

    „Станува збор за информација што не ја објавила некоја релевантна организација, ниту, пак, станува збор за некое научно истражување. Оваа објава е небитна за нас“, соопштуваат од Општина Тетово.

    Тетово порано беше град со најчист воздух во државата, а сега е меѓу најзагадените. Нема градски парк, пешачка зона и базен. Се сечат дрвја и се градат згради на секој квадратен метар слободна површина, без притоа да се запазуваат градежните норми. Тетово е град со секојдневен сообраќаен хаос, во кој нема доволно паркинг места.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира