Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово одбележа значаен јубилеј, 80 години од своето постоење. Оваа национална установа се вбројува меѓу најголемите библиотеки по книжевен фонд во Македонија и е една со најголем број редовни читатели.
„Во 2023 нашата библиотека беше прогласена за библиотека на годината во Македонија, со околу 5.000 активни читатели преку КОБИС платформата, а оваа година имаме околу 4.700 читатели. Библиотечниот фонд изнесува околу 120.000 наслови со 150.000 библиотечни единици. Најстарата книга која ја имаме датира од 1878 година. Како институција се трудиме да им служиме на сите наши посетители на што е можно повисоко ниво. Во 2025 реализиравме 15 проекти, за идната година аплициравме за 20 проекти. Како институција имаме многу идеи и сакаме во тие проекти да ги вклучиме сите читатели, од најмладите до највозрасните“, вели Бинас Пајазити, директорот на библиотеката „Кочо Рацин“ од Тетово.
Иако располага со голем фонд на книги, дел од нив се тешко достапни за читателите бидејќи поради немање доволно простор, тие се сместени по магацини. Оваа година, и онака малиот простор кој го држеше библиотеката ѝ беше одземен и таа беше префрлена во уште помали простории.
Во рамките на одбележувањето на јубилејот, во фоајето на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ беше отворена изложбата „Библиотеката низ годините“, на која преку фотографии, документи, весници и стари и ретки книги е прикажан патот на библиотеката од нејзините почетоци до денес.
Владо Кочовски, пензиониран библиотекар кој еден период беше и директор на библиотеката, вели дека и покрај динамичниот развој на технологијата, печатената книга сè уште е незаменлива.
„Во 1950-тите, кога се појави телевизијата, се прошири мислење дека на радиото му дошол крајот, дека луѓето ќе гледаат телевизија и нема да слушаат радио. Меѓутоа, радиото опстана. Со појавата на компјутерската техника се случи исто, се помисли дека на книгата во хартиена форма ѝ дојде крајот. Ќе читаме од компјутер, на мобилен телефон, меѓутоа и тоа е заблуда поради тоа што книгата е незаменлива и понатаму ќе се печати. Различен е впечатокот кога читаш книга која ја држиш во рака од тоа кога читаш нешто на екран. Иако има впечаток дека поради технологијата се намалува бројот на читатели, мислам дека полека се враќаме кон читање печатени книги“, вели Кочовски.
З. АНДОНОВ



