Тетовската полиција деновиве спроведува превентивно-едукативната кампања со која на младите од градот им доставува информации за опасностите од употребата на петарди и други пиротехнички средства. Тие на тетовци им делеа летоци, но и со непосреден контакт ги информираа со последици од употребата на пиротехниката како и со законските санкции кои им следуваат на прекршителите.
„Полициски службеници на СВР Тетово продолжија со планираните активности во рамките на превентивно-едукативната кампања ‘Петарди НЕ, безбедност пред сé’, што заеднички ја спроведуваат Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје и Министерството за внатрешни работи. Полициски службеници на СВР Тетово-Отсек за превенција, на неколку пунктови во централното тетовско подрачје на граѓаните, претежно на помлади лица, им делеа летоци со информации и пораки кои се однесуваат на опасностите од употреба на петарди и други пиротехнички средства и на здравствените, психолошките и други последици од тоа (психолошки трауми, стрес и траен инвалидитет). Покрај ова, во непосредни разговори на повеќемина граѓани им се укажуваше и на законските импликации, односно санкции (прекршочни или кривични) доколку се оглушат на ваквите апели, совети и укажувања и посегнат по пиротехнички средства или по огнено оружје“, вели портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Освен ова, од страна на СВР Тетово, беа организирани повеќе предавања и презентации на истата тема во неколку тетовски средни училишта, а идната недела вакви предавања планирани се да се одржат и во гостиварските училишта.
З. АНДОНОВ