Тетовската полиција во изминативе девет месеци санкционирала 1.219 учесници во сообраќајот кои управувале со возило без возачка дозвола. Дел од нив се малолетници, кои без положен возачки испит седнуваат зад волан и така претставуваат потенцијална опасност за себе и за другите учесници во сообраќајот. Токму поради ова, СВР Тетово започна со активности за советување на малолетниците да не управуваат со моторни возила без положен возачки испит. Советувањата овојпат беа наменети за учениците од втора година од тетовските и гостиварските средни училишта.
„Во рамките на превентивно-едукативниот проект ‘Не управувај моторно возило без положен возачки испит, почитувај ги правилата и прописите во сообраќајот и заштити се себеси и другите‘, стручно обучени полициски службеници на СВР Тетово одржаа предавања во неколку училишта, со кои беа опфатени ученици во втора година. Целта на проектот е подигнување на сообраќајните свест и култура кај младите средношколци од Полошкиот Регион кои неретко седнуваат зад волан без да го положат возачкиот испит. На овие предавања учениците беа непосредно информирани за ризиците и законските импликации доколку управуваат возило без положен возачки испит и соодветна валидна дозвола за тоа. Тие, исто така, беа запознати со важечките правила и прописи во сообраќајот, а добија и повеќе практични совети и препораки за нивна поголема безбедност како учесници во сообраќајот. Ваков проект минатиот месец беше спроведен и во гостиварските средни училишта“, соопшти Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.
Со овој проект се опфатени 11 средни училишта во Тетово и Гостивар со над 1.500 ученици од втора година, а носител е Отсекот за превенција при МВР.
З. АНДОНОВ