Пензионерите од Тетово и денеска протестираа, но наместо на градскиот плоштад, излегоа на тетовските улици и половина час го блокираа сообраќајот на влезот во градот од страната на Скопје. За разлика од минатиот протест, сега излегоа со барања за линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари, а минималната пензија да изнесува 20.000 денари. Тие уште еднаш се пожалија дека со вака ниските пензии многу тешко излегуваат на крај.
„Владата нè запоставува, не ги качува пензиите, а за нив си направија зголемување на платите од 78 проценти. За тоа имаат пари, а за нас немаат. Сега најавуваат по 400 евра дополнително да си ги зголемат платите. Имаат провизии, апанажи, бесплатно гориво, а нас пензионерите нè понижуваат. До кога вака со 12.000 денари пензија? Немаме доволно ни за лекови и храна, а еве зимата доаѓа, ќе немаме пари струја да платиме. Не само ние, цела Македонија треба да стане. И ние сме држава, а не само тие од власта“, беше речено на протестот во Тетово.
Пензионерите најавија нов протест за идниот вторник, кога повторно ќе се соберат на истото место и ќе го блокираат влезот во Тетово.
З. АНДОНОВ