ТЕТОВСКИТЕ ТАКСИСТИ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ВО ГРАДОТ ИМА 40 ЛЕГАЛНИ ТАКСИ ВОЗИЛА И 350 ТАКСИСТИ КОИ ВОЗАТ НА ДИВО

    ТЕТОВСКИТЕ ТАКСИСТИ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ВО ГРАДОТ ИМА 40 ЛЕГАЛНИ ТАКСИ ВОЗИЛА И 350 ТАКСИСТИ КОИ ВОЗАТ НА ДИВОТетовските таксисти велат дека десет години ништо не е преземено за да се реши проблемот со дивите таксисти (Фото: СДК.МК)

    Растот на цената на горивата се одразува и на такси превозот во Тетово. Деновиве таксистите беа принудени минимално да го поскапат превозот, но велат дека поголем проблем за нив е големиот број лица кои вршат нелегален такси превоз и со години не се санкционираат. Лиценцираните такси фирми побарале помош од новиот градоначалник Касами, кој им ветил брзо решавање на проблемот.

    „Дивите таксисти се голем проблем во сите градови во Македонија, а овој проблем е најизразен во Тетово. Десет години ништо не е преземено за да се реши овој проблем и тоа придонесе во градот сега да има околу 350 таксисти кои работат на диво. Има и такви кои имаат и по десетина возила на име на такси фирма, а таа нема никаква лиценца за такси превоз. Наспроти нив има само 42 возила од четири такси компании кои поседуваат лиценци за вршење такси превоз и работат според законите. Вчера имавме средба со градоначалникот Касами и го изнесовме овој наш, со години присутен проблем. Тој вети дека ќе им даде рок од еден месец на дивите таксисти да се легализираат. Во Тетово до неодамна имаше само еден сообраќаен инспектор, а сега примиле на работа уште еден, но дали тоа е доволно“, вели Зоре Томоски, сопственикот на такси компанијата „Зоки комерц“ и потпретседател на Асоцијацијата на такси превозници на Македонија.

    Поради зголемувањето на цените на горивата тие велат дека биле принудени да ги поскапат своите услуги, но од друга страна, прометот им опаднал за половина бидејќи новите цени одвратиле голем број редовни корисници.

    „Наглото поскапување на горивата придонесе за кратко време да бидат затворени околу 25 такси компании во државата. Со секое покачување на цената на превозот опаѓа и бројот на лицата кои користат такси превоз. Кога горивото чинеше 72 денари, нашата цена на превозот беше 70 денари на релација до два километра. Но, денес горивото достигна до 97 денари за еден литар. Сега ние бараме Советот на Општината да донесе одлука стартот да биде 20 денари и 70 денари за релација до два километра. Ние бараме од државата да се намали акцизата барем за 50 проценти, најавеното намалување на ДДВ нема многу да ни помогне. Но, кога барем за 40-50 отсто би се намалил бројот на дивите таксисти, ние и со вака повисоки цени на горивата би можеле да опстоиме и да понудиме поприфатлива цена на такси услугите“, посочува Томоски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира