ТЕТОВЦИ СЕ ЖАЛАТ НА НОВИОТ НАЧИН НА ПРЕСМЕТКА, ДОБИЈА КОМУНАЛНИ СМЕТКИ И ЗА ШТАЛИ И ГАРАЖИ

    ТЕТОВЦИ СЕ ЖАЛАТ НА НОВИОТ НАЧИН НА ПРЕСМЕТКА, ДОБИЈА КОМУНАЛНИ СМЕТКИ И ЗА ШТАЛИ И ГАРАЖИТетовци реагираат дека сметките повеќекратно им се зголемил. (Фото: СДК.МК)

    Пред зградата на дирекцијата на ЈКП Тетово последниве денови доаѓаат голем број револтирани тетовци кои се жалат за висината на доспеаните сметки за вода и комунален отпад. Реагираат дека сметките повеќекратно им се зголемиле, дека сега им наплаќаат и за подруми, штали, и дека за еден станбен простор добиваат по две, а некои дури и по три сметки и ред други поплаки.

    „Сум добил три сметки за ист објект сите на мое име. Ми дошло сметка да платам и за двајцата браќа од кој едниот живее на друго место, а вториот е во Америка но сите се ставени на мое име. Во куќата сме двајца членови сме, пензионери, а ми дошло сметка од дури 2.000 денари“.

    „На ќерка ми ѝ пишале да плати за 280 квадрати и тоа се сè гаражи од зградата, ама тие и ги ставиле на нејзино име. Сега треба да платам 3.200 денари. Не знам што е работава и каде да се жалам“.

    „Сега за ѓубрарина треба да платам 340 денари, а плац имам од 117 квадрати, па тоа му доаѓа како тие да ми го чистат и дворот“

    „Ми дошле три сметки на мое име. Ај за двете сметки за мојата куќа разбирам, ама третава ми е за штала која е во нива и каде имам самиот ископано бунар за вода, а ми дошло сметка за овој објект од 1.000 денари“

    „До сега плаќав 514 денари, а сега ми дошло сметка од 1.200 денари. Овие треба да разберат дека ние и Словенија не сме исто“.

    Ова се само дел од реакциите на тетовци во врска со новите комунални сметки.

    Советот на Општина Тетово минатата година ЈКП Тетово го подели на три самостојни организации: ЈКП „Шари“, јавно комунално претпријатие за водоснабдување и одведување на отпадни води, ЈКП „Тетово“ (јавно комунално претпријатие за одржување на јавната чистота) и „ОАЕНЕУМ“, претпријатие во јавно-приватно партнерство со австриско-словенечката фирма „Саубмахер“ за собирање и транспортирање на сметот. Исто така беше зголемена и цената на водата, а се смени и методологијата на пресметување за собирање на сметот која сега се пресметува по метар квадратен станбена површина. Тогаш од Општината велеа дека, со овие промени, нема да има покачување на висината на сметките или ако некаде евентуално има тоа ќе биде минимално.

    „Ве известуваме дека и покрај тоа што е изменета методологијата за пресметка на отпадот, нема зголемување на цената по единица. Сите граѓани кои добиле повисоки фактури од досегашните, треба да се обратат во канцелариите лоцирани на Зелениот пазар во Тетово како и на влезот во селото Палчиште, за да ги усогласат своите податоци за компанијата да може да врши реална наплата“, се вели во соопштението од Општина Тетово.

    Од фирмата „Саубермахер“ велат дека, според постигнатиот договор за техничка поддршка во наплатата на услугите и дека тие го вршат издавањето на заедничката фактура за сите комунални услуги во Општина Тетово, но не се одговорни за пропустите на другите фирми.

    „Ве информираме дека на барање на општина Тетово, склучивме договори за техничка поддршка во наплатата на услугите што ги даваат јавните претпријатија ЈКП „Шари“ и ЈКП „Тетово“. Договорите се реализираат на тој начин што „Заубермахер“ го врши издавањето на заедничката фактура за сите комунални услуги во општина Тетово. Овде сакаме да нагласиме дека со тоа, „Заубермахер“ не ја презеде и одговорноста за извршувањето на услугите што ги даваат општинските јавни претпријатија: ЈКП „Шари“ и ЈКП „Тетово“. Во однос на утврдувањето на начинот на пресметка и утврдување на надоместоците (цените) за секоја комунална услуга, потенцираме дека се работи за одлуки донесени од општина Тетово, односно усвоени од Советот на општина Тетово“, соопштуваат од „Саубмахер“.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира