ТЕТОВЦИ УШТЕ ЕДНАШ ИМ РЕКОА „НЕ“ НА КОЦКАРНИЦИТЕ

    ТЕТОВЦИ УШТЕ ЕДНАШ ИМ РЕКОА „НЕ“ НА КОЦКАРНИЦИТЕПротестот го поддржаа и градоначалничката на Тетово Теута Афифи и локалните верски заедници (Фото: СДК.МК)

    Граѓаните на Тетово, предводени од движењето „Антикоцкање“ и поддржани од верски лица од Тетовско-гостиварската епархија и од Тетовското муфтиство на Исламската верска заедница, излегоа на градскиот плоштад, за уште еднаш да го кренат гласот против ова, како што беше наречено, „зло кое ги труе младите“. На протестот присуствуваше и градоначалничката на Тетово Теута Афифи со дел од општинската администрација.

    „Уште еднаш бараме, преку амандмани, да се промени Законот за игри на среќа. Нашите барања се сите објекти за игри на среќа кои сега се во градот да се дислоцираат на три километри оддалеченост од секое населено место, од добивката од игри на среќа да се издвојуваат пет проценти за помош во рехабилитацијата на жртвите на коцкањето и да се развива национална стратегија во образованието, со која ќе се укажува на социјалната штета која ја предизвикува коцкањето. Интересот на граѓаните секогаш треба да биде над интересот на мафијашките кланови или политичките кругови“, изјави Џемал Абдиу од „Антикоцкање“ во обраќањето до присутните на протестот.

    „Нашата активност на ова поле ја базираме врз основа на одлуката на Советот на Општина Тетово, кој е единствен совет кој има донесено одлука и барање за дислокација на овие објекти кои се во близина на јавни установи во градот. Ние ќе продолжиме со овие активности, но, за жал, ингеренциите на Општината на ова поле се крајно лимитирани, па затоа со новите законски решенија бараме општините да имаат повеќе ингеренции“, рече градоначалничката Арифи.

    На протестот се обратија и тетовскиот муфтија Кани Несими и отец Александар Стојановски. Тие истакнаа дека коцкањето е големо зло, кое на луѓето не им ги зема само парите, туку и душата и тие, како верски заедници, секогаш ќе даваат поддршка на вакви акции.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира