ТЕТОВЦИ УТРЕ ИЗБИРААТ ОПШТИНСКИ СОВЕТНИЦИ, А МАВРОВО-РОСТУШЕ И ЦЕНТАР ЖУПА ТРЕТПАТ ЌЕ СЕ ОБИДАТ ДА ДОБИЈАТ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ

    ТЕТОВЦИ УТРЕ ИЗБИРААТ ОПШТИНСКИ СОВЕТНИЦИ, А МАВРОВО-РОСТУШЕ И ЦЕНТАР ЖУПА ТРЕТПАТ ЌЕ СЕ ОБИДАТ ДА ДОБИЈАТ ГРАДОНАЧАЛНИЦИЗа 31 советничко место во Тетово се борат 11 партии и две листи на група избирачи (Фото: СДК.МК)

    Само 10 месеци од последните локални избори, тетовци утре повторно излегуваат на гласање. Овојпат, ќе избираат само членови на Советот. До овие избори дојде откако Советот не успеа навреме да ја донесе и усвои завршната сметка на општината, па, како што предвидува Законот за локална самоуправа, беше распуштен и беа распишани нови избори.

    Во битката за 31 советничко место учествуваат 11 партии и две листи на група избирачи.

    Во избирачкиот список во Општина Тетово се запишани 84.072 гласачи, од кои 1.576 се запишани во посебниот извод за лица кои согласно евиденцијата на надлежен орган се на привремена работа или престој во странство, а 92 гласачи се во посебниот извод за лица кои за време на изборите се наоѓаат во затвор или притвор. Ќе се гласа на 117 избирачки места“, соопштуваат од општинската изборна комисија.

    Денеска е предизборен молк, но во изминативе дваесетина дена Тетово беше сведок на жестока предизборна кампања. Градот е прекриен со билборди и банери, а уште од првиот ден на предизборната кампања во Тетово дојдоа лидерите на поголемите политички партии, кои потоа повеќе пати учествуваа во предизборните активности за поддршка на нивните кандидати. Но, не се само лидерите, во Тетово се изредија речиси сите функционери од највисоките раководни структури на партиите. Активностите се одвиваа секојдневно, со посети на тетовските маала, контакти со граѓаните, со концерти на кои настапуваа познати музичари, а не изостанаа и ситните подароци, како маици, пенкала и запалки. Завршните митинзи на некои партии, кои се одржуваа на градскиот плоштад, беа проследени со големи огномети.

    Освен Тетово, утре на избори излегуваат и жителите на Маврово-Ростуше и Центар Жупа. Ова ќе биде нивни трет обид да добијат градоначалници, откако на локалните избори минатата година и некој месец подоцна немаше доволна излезност, па старите градоначалници функционираат како владини повереници.

    Министерството за труд и социјална политика извести дека, согласно одлуката на Владата, 20 август е прогласен за неработен ден за граѓаните од Маврово-Ростуше, Центар Жупа и Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира