ТРЕТПАТ ЗА ОСУМ ГОДИНИ СЕ РЕКОНСТРУИРА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ ПАТЕН ПРЕМИН НА МОСТОТ „ГЕМИЏИИ“ ВО ВЕЛЕС

    ТРЕТПАТ ЗА ОСУМ ГОДИНИ СЕ РЕКОНСТРУИРА ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ ПАТЕН ПРЕМИН НА МОСТОТ „ГЕМИЏИИ“ ВО ВЕЛЕСОд недела, ваква промена ќе се прави и на преминот кон Дворови (Фото: СДК.МК)

    Во тек се реконструкција и модернизација на железничкиот патен премин на мостот „Гемиџии“ во Велес. Ова е дел од реконструкцијата што ЈП „Македонски железници инфраструктура“ ја врши неколку месеци низ Македонија. По Битола и Прилеп, на ред е Велес, по што ќе продолжи со патните премини во скопскиот железнички јазол.

    „Се прави реконструкција на горниот слој од пругата. Тој дел им е познат на возачите бидејќи се минувал бавно поради дупките“, кажа директорот на ЈП „МЖ инфраструктура“, Хари Локвенец.

    Од недела, со ваква промена ќе се продолжи и на преминот кон Дворови. Во наредниот период ќе се работи на уште три премини кои биле побарани и договорени со локалната власт. Тоа се премините Стар мост, кај Горно Оризари и на штипска пруга кај Речани.

    Преминот на мостот „Гемиџии“ беше реконструиран и во мандатите на градоначалниците Славчо Чадиев и Аце Коцевски, односно третпат за осум години.

    „Според спецификацијата на материјалот, пропишаниот рок е 10 години. Тоа е минималниот период, а јас лично очекувам и подолг период да се користи. Многу е важно да ги зголемиме стандардите“, дополни Локвенец.

    Лани во септември, во Велес беше реконструиран првиот железнички патен премин во земјава по новите стандарди со гумена подлога, кај фабриката „Киро Ќучук“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира