ТРИ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА СРПСКИОТ ВОЗАЧ ВО ЧИЈ КАМИОН ПРИ СООБРАЌАЈКА ЗАГИНАА ДВАЈЦА КИНЕСКИ МИГРАНТИ КАЈ ВАЛАНДОВО

    ТРИ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА СРПСКИОТ ВОЗАЧ ВО ЧИЈ КАМИОН ПРИ СООБРАЌАЈКА ЗАГИНАА ДВАЈЦА КИНЕСКИ МИГРАНТИ КАЈ ВАЛАНДОВООд обвинителството во Гевгелија велат дека се води истрага и се преземаат дејствија за испитување на евентуални елементи на кривично дело криумчарење мигранти од возачот. (Фото: СДК.МК)

    Српскиот државјанин С. М. (52) е осуден на три години затвор за сообраќајната несреќа во која загинаа двајца кинески мигранти. Тој ја признал вината пред Основниот суд во Гевгелија, бил прогласен за виновен, а жалба на пресудата не била поднесена, поради што таа е правосилна. С. М. побарал веднаш да биде упатен на издржување на затворската казна.

    Обвинетиот е осуден за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, по член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик, за кое е предвидена казна затвор до пет години. Бидејќи станува збор за странски државјанин, предметот бил воден по забрзана постапка. Тој има право да побара казната да ја издржува во државата чиј државјанин е.

    Сообраќајната несреќа се случи на 19 ноември околу 4:20 часот, кога С. М. возејќи го товарно возило „мерцедес“ и движејќи се по регионалниот пат од Валандово кон Дојран излетал од патот и се превртел. Во полуприколката на товарното возило се превезувале и 10 кинески државјани. При превртувањето, загинале 35-годишна жена и еден маж, две лица добиле тешки телесни повреди, а уште две полесни повреди. Возилото е сопственост на транспортна компанија од Србија и било натоварено со околу 24,5 тони пресувана хартија.

    Според обвинението, обвинетиот не се придржувал до одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, доведувајќи ги во опасност животот и телото на луѓето. Иако бил должен возилото да го држи што поблиску до десниот раб на коловозот и движењето да го прилагоди на условите на патот, тој изгубил контрола, излегол на банкината и камионот се превртел на десната страна.

    Од Основното јавно обвинителство Гевгелија велат дека се води истрага и се преземаат дејствија за испитување на евентуални елементи на кривично дело криумчарење мигранти од возачот С. М.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира