„Три месеци лепешки чистиме по фармите, а плата немаме земено“, викаа дел од работниците, кои денеска излегоа на протест пред управната зграда на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, барајќи итно да им се исплатат февруарската плата и заостанатиот дел од јануарската.
„Од јануари досега само половина плата имаме земемо, а април е на прагот. И покрај доцнењето на платите, ниедна работна обврска не е запрена. Имаше и сеидба, сѐ е сработено и фармите работат. Само нѐ лажат, дури ни велат ич да не работите, плата нема“, рече работникот Владо Маловски.
Ова е втор протест за плати за неполни два месеца. Минатиот се одржа на 1 февруари, кога не беа исплатени две и пол плати, за потоа една плата да им легне на сметката.
„Луѓето не се задоволни, од ноември редовно не се исплаќаат платите. Бараме да ни кажат што се случува, ќе го биде комбинатот или не?“, рече Алексо Ризевски.
Павле Цветаноски, финансов директор, рече дека на околу 500 работници денеска или најдоцна утре ќе им се исплати февруарската плата.
„Имаше преговори со синдикалниот одбор и договорено е со менаџментот дека платата ќе биде исплатена денеска или најдоцна утре. Во основа, ова задоцнување произлезе од тоа што во овој период најголеми вложувања се во сеидбата. Ќе ја исплатиме платата за февруари, останува остатокот од платата за јануари“, рече Цветаноски.
,,Пелагонија” беше земјоделски гигант и обезбедуваше храна за голем дел од Македонија и платите никогаш не доцнеа. Во 2011 година, комбинатот го купи Орце Канчев, а осум години подоцна компанијата се соочува со долгови.
Ж. ЗДРАВКОВСКА