Граѓанската иницијатива Охрид СОС и здружението „Стар Лагадин“, заедно со граѓани и активисти за заштита на Охрид и охридскиот регион, денес организираа протест пред влезот на зградата на Општина Охрид. Поставија црна најлон завеса на која беше испишана порака за мораториум за градба на охридското крајбрежје.
Граѓанската иницијатива Охрид SOS и Здружението „Стар Лагадин“ побараа од градоначалникот на Општина Охрид на дневниот ред на денешната седница на Советот да се најде и барањето на граѓаните за поништување на Општиот акт за село Лагадин со кој незаконски се овозможи девастирачка урбанизација на овој дел на крајбрежјето. Исто така, беше побарано од градоначалникот итно да издаде решение за отстранување на незаконската градба на катастарска парцела бр. 2696/1 во сопственост на Никола Толески од село Пештани.
На ова реагираше и охридскиот градоначалник Јован Стојановски.
„На 24 јули пристигна барање да биде поставена точка на дневен ред, меѓутоа заради веќе закажаната седница на советот на општина Охрид и доставениот материјал до советниците, ние им одговоривме на Здружението на граѓани „Стар Лагадин“ дека нивното барање ќе биде разгледано и на наредните седници ќе биде поставено доколку е потребно. Во овој момент како Локална самоуправа немаме разидување со барањата кои што беа содржани во писмото на здружението“, изјави градоначалникот Стојаноски.
Во врска со барањата за уривање на бесправно изградените објекти на крајбрежјето Стојановски кажа: „Во останатите барање беше наведено да се пристапи кон уривање на бесправно изградениот објект, меѓутоа сè додека не добиеме мериторна одлука од второстепената комисија од Министерството за транспорт и врски, ние не можеме да го категоризираме тој објект како бесправна градба и да започнеме со постапка за рушење. Во овој момент немаме мериторна одлука дека тој објект е бесправно изграден“
Со решение од 31.05.2018 година, се прогласува за ништовно одобрението за градење на хотелот во Лагадин. Ова решение е трето по ред со кое што се прогласува за ништовно одобрението за градење на спорниот хотел.
Учесниците на денешниот протест најавија дека веќе во вторник ќе организираат многу поголем и поосмислен протест пред Општината Охрид, со поворка од Лагадин до градот, со перформанс, се со цел да се привлече вниманието на јавноста за проблемот со неконтролираната урбанизација во градот и околната животна средина. Тие ги повикаа сите граѓани на Охрид да се вклучат во протестот за поголема масовност.
Д. ЧУБРИЌ