На брегот на Студенчишкиот канал во Охрид лежи труп на некогаш моќен млазен воен авион. Тој им бил отстапен на охридските нуркачи, кои требало да го потопат во езерото, за потоа да стане подводна атракција.
„Овој авион беше сместен во поранешната касарна во Охрид. Потекнува од депоата на некогашната ЈНА, а потоа го презеде АРМ. Војската им го отстапи авионот на охридските нуркачи, кои требаше да го потопат во езерото за да стане подводна атракција за оние кои го сакаат нуркањето”, ни изјави Горан Устијаноски, капетан на Капетанијата на македонските пристаништа.
Според предниот дел на трупот, најверојатно станува збор за американски дозвучен борбен авион „Ф-86-сејбр“, што го произведуваше американската фирма „Норт америкен”. Се произведуваше во 1950-ите, а од фабричките хали излегоа близу 9.000 вакви авиони. Се најде и во военото воздухопловство на некогашната ЈНА.
Д. ЧУБРИЌ