Пожарот во скопско Трубарево е целосно изгаснат, цела опожарена површина е затрупана со песок и земја, а состојбата во депонијата „Дрисла“ е значително подобрена, изјави денеска Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
На 13 септември избувна пожар во рециклаторниот центар на „Ф-Групација“ во Трубарево за отпад на електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад.
Иако вчера министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити кажа дека дента ќе има резултати за квалитетот на воздухот и „за сè ќе биде известено детално и транспарентно“, но ни до денеска тие не се објавени.
„Во Трубарево утрово покажуваше на неколку места слабо чадење, но врз истото беше дејствувано со специјална пена и со дозатрупување со земја, односно по потреба и со песок. Останати се дежурни екипи на Скопската противпожарна бригада, доколку се утврди какво било чадење ќе дејствуваат врз него со специјална пена и со дозатрупување. Состојбата во Дрисла е драстично подобрена останува уште еден сосема мал дел да биде дозатрупан. Очекувам во попладневните часови да биде целосно затрупан местото кое овие денови чадеше. На тој начин се целосно затворени двата пожара“, кажа Ангелов.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), денес до 12 часот во земјава се регистрирани вкупно 5 пожари на отворен простор. Од нив, 1 е активен, 2 се под контрола, а 2 се изгаснати.
Активни пожари се во Општина Гевгелија: Кожуф Планина, кај с. Петрово (приземен пожар), пожари под контроласе во Општина Студеничани: Депонија Дрисла (ѓубре) и Општина Гази Баба: с. Трубарево (електричен отпад).
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, апелираше до сите релевантни институции за еколошка заштита, со акцент на Министерството за животна средина и сите инспекторати и директорати, да покажат максимална посветеност. Тој побара од секој да дејствува во рамките на своите компетенции и да ги посети сите депонии, без разлика дали се легални или нелегални. Целта е да се утврди не само дали поседуваат дозвола за работа, туку и дали работат во согласност со професионалните стандарди и законските прописи.
Во врска со безбедносната состојба и евентуалните хибридни напади преку пожари, Тошковски изјави дека постојат индиции во изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и Ангелов, но дека поради тековната истрага, не може да сподели повеќе детали.
„Будни сме, присутни сме на терен. МВР ги превзема сите потребни надлежни дејствија“, рече денеска Тошковски на уништувањето на запленети наркотични дроги и оружје во фабриката „Макстил“.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО – Скопје за определување краткотраен притвор за 4 лица, кои доцна синоќа беа спроведени во судот, а поврзани со пожарот кој на 13.09.2025 година се случи во Трубарево – Скопје, донесе решенија со кои го прифати предлогот и на: В.М., З.С., М.Д. и Л.Д. им определи мерка притвор во траење од 48 часа, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
Поради основано сомнение дека со заеднички дејствија учествувале во извршување на кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 4 лица за кои од судија на претходна постапка вечерва ќе побара определување мерка краткотраен 48-часовен притвор за обезбедување докази. Во големиот пожар вчера и утрово гореше опасен отпад од литиумски батерии, електронски и електричен отпаден материјал во рециклажниот центар „Ф групација“.
За пожарот во фабриката во Трубарево, Тошковски кажа дека се извршени информативни разговори со четири лица и за дел од нив се постапува по насоки на Јавен обвинител и се бараат мерки за обезбедување на нивно присуство, а по наредба на јавен обивнител беше предложено да се оди со краткотраен притвор.
„Оние кои што беа задржани и оние за кои им е одреден краткотраен притвор се поврзани со сопственичка или управувачка структура во рамки на комапнијата. Така, што ќе биде нужно да се истражи и расветлат сите овие прашања и јас би одел чекор подалеку, не само за оваа фирма, би ги повикал сите институции надлежни во Македонија, особено Министерството за животна средина и сите оние инспекторати, директорати и еден тон институции кои што го имаме, а се поврзани со еколошка заштита, максимално да се вклучат во рамки на преземање на сите нивни надлежни дејствија согласно закон“, изјави Тошковски.
- 48-ЧАСОВЕН ПРИТВОР ЗА УПРАВИТЕЛОТ НА СКЛАДИШТЕТО И ЗА УШТЕ 3 ЛИЦА ЗА ПОЖАРОТ СО ОПАСЕН ОТПАД ВО ТРУБАРЕВО
- НЕМА ЗГОЛЕМЕНА РАДИЈАЦИЈА ВО ВОЗДУХОТ, СЕ ЗЕМААТ МОСТРИ ОД ВОДАТА И ПОЧВАТА ВО ТРУБАРЕВО, ВЕЛИ ИЈЗ
Б. НЕСТОРОСКА