Хотелиерите на охридско-струшката ривиера стравуваат за претстојната летна сезона оти странските гости ги откажале резервациите. Повеќето од нив ќе останат празни до јули, а дел се надеваат на гости од Србија, како најсигурна земја по број на вакцинирани граѓани во изминатиов период откако тур-операторите им ги откажаа резервациите за март и април.
„Работиме со Американците, резервациите ги откажаа пред месец дена до јули, но се надеваме после јули ситуацијата ќе се подобри. Сега најчесто имаме гости за викенди од соседните земји, Албанија, Србија и наши домашни гости. Пандемијата нанесе големи штети на економијата, но се надеваме дека ќе се стабилизира состојбата“, вели Маријан Трпески, менаџер на хотелот Сити Палас.
Претседателот Хотелската Асоцијација на Македонија (ХОТАМ), Крсте Блажески, вели дека со откажувањето на резервациите, но и зголемувањето на бројот на новозаразени од ковид-19, тешко може да се предвиди каква сезона нè очекува.
„Сè зависи како ќе се справиме со ситуацијата не само ние, туку и земјите од каде очекуваме гости. Она што можеме да го направиме за оваа година е да бидеме отворени према Србија како една од државите каде има најмногу вакцинирани за краток временски период. Односите со Црна Гора не им се баш најдобри, со Грција ќе има некакви рестрикции така да може да очекуваме добар процент гости од Србија за да ги исполниме капацитетите. Треба да сме спремни за почнеме од мај за да имаме подобра сезона од минатата“, вели Блажески.
Моментално, во услови на ограничено работно време, угостителите ги живеат најтешките денови, трпат огромни загуби, но се надеваат дека условите ќе се подобрат доколку се ослободи работното време.
„Со мерките за ограничување на работното време излегува дека само угостителите нанесуваат штета и тоа не е во ред. Препораките и рестрикциите во однос на новонастанатата состојба и се поголемиот број заболени од ковид-19 не треба да се однесуваат само за угостителите“, вели Трпески.
Задоволни од пакет мерките со кои државата им помага за излез од кризата хотелските работници велат дека иако се едни од најпогодените од пандемијата се трудат да ги задржат вработените. Дел пак од хотелите и угостителските објекти на брегот на Охридското езеро се се’ уште затворени.
Минатата сезона бројот на странски туристи беше намален за 70 проценти. Хотелиерите неодамна побараа приоритет во имунизацијата на угостителските работници за да можат странските туристи да се охрабрат да дојдат на охридско-струшката ривиера и да се уверат дека Македонија е сигурна дестинација за 2021 година.
С. ВРЕНЦОВСКА