У НАШЕ ПРЕДУЗЕЌЕ НЕ ЦВЕТА ЦВЕЌЕ, ИМАМЕ ДОЛГ ОД 7,5 МИЛИОНИ ЕВРА, КАЖА ДИРЕКТОРОТ НА КУМАНОВСКИ „ВОДОВОД“

    У НАШЕ ПРЕДУЗЕЌЕ НЕ ЦВЕТА ЦВЕЌЕ, ИМАМЕ ДОЛГ ОД 7,5 МИЛИОНИ ЕВРА, КАЖА ДИРЕКТОРОТ НА КУМАНОВСКИ „ВОДОВОД“ЈП „Водовод“ минатата година ја заврши со добивка од 944.000 денари, но има наследени долгови и блокирана сметка од јули 2013 (Фото: СДК.МК)

    Директорот на ЈП „Водовод“ Горан Стојковски искористи реплика од филмот „Тесна кожа“ за да ја опише состојбата во неговото претпријатие на седницата на Советот на Општина Куманово, каде се разгледуваше минатогодишниот извештај и се коментираше целокупната состојба во претпријатието. Цитирајќи го ликот Среќко Шојиќ од легендарниот југословенски филм, Стојковски кажа „У наше предузеќе не цвета цвеќе“, сакајќи да ја прикаже тешката финансиска состојба во која се наоѓаат.

    ЈП „Водовод“ минатата година ја заврши со добивка од 944.000 денари, но има наследени долгови од 7,5 милиони евра и блокирана сметка од јули 2013. Долговите се направени до 2017 по разни основи, а најмногу од високата цена на водата што „Водостопанство“ ја испорачуваше кон „Водовод“ додека траеја водната криза и кавгите помеѓу двете претпријатија, едното раководено од локалната власт на СДСМ, а другото од централната на ВМРО-ДПМНЕ.

    „‘Водовод‘ се наоѓа на трето место по долгови на јавните претпријатија во државата. Тоа во исто време има побарувања од 4,5 милиони евра, но тие не можат да се наплатат затоа што дел од тие претпријатија и институции веќе не постојат или се во стечајна постапка. Од вкупниот износ, ЈП ‘Водовод‘ има долг од еден милион евра без камати за електрична енергија до 2016, кон ‘Водостопанство‘ во ликвидација 40 милиони денари, кон ‘Водостопанство‘ во стечај 20 милиони денари, а кон ‘Кумановско-липковско поле‘ 150 милиони денари. Повеќето од тие долгови се нереални и создадени врз партиска основа додека беше проблемот со водата во Куманово“,  рече Стојковски пред советниците.

    Тој тврди дека сега редовно се плаќаат сите сметки, а се враќаат и стари долгови кон сите доверители. Го исплаќаат и кредитот од МЕАП проектот од 2004 година, кој изнесува 5,7 милиони евра, што исто така не се враќал, а за кој на почетокот на годината им стигнала рата од 35 милиони денари. Стојковски очекува државата да им помогне со отпишување на долговите кон „Водостопанство“ во висина од 3,5 милиони евра.

    За состојбата во која се нашло претпријатието, Стојковски ги обвинува и неговите претходници, кое не воделе грижа за превработеноста, професионалноста и партизацијата.

    „Свесни сме за своите недостатоци, свесни сме што и како треба да правиме и, еве, ќе ја спомнам онаа позната реплика од филмот ‘Тесна кожа‘, ‘У наше предузеќе не цвета цвеќе‘“, вели директорот.

    Во претпријатието после долго време успеале да набават нови возила и градежна механизација, а после 15 години минимално да ги зголемат платите на вработените.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира