Во Велес е уапсен А. Н. (29), осомничен од полицијата дека е возачот кој со кола на пешачки премин прегази 11-годишно девојче кое заедно со родителите минувало на обележан премин во градот и избега. Тој 40 часа не беше достапен за истражните органи.
„Денеска во 11.30 часот, по преземени мерки и активности, полициски службеници од СВР Велес во Велес го лишија од слобода А. Н. (29) од Велес, кој на 17.12.2022 околу 22.15 часот на улица Борис Трајковски во Велес со патничко возило ‘мерцедес’ со велешки регистарски ознаки удри во пешаците Е. И. (43) и нејзината малолетна ќерка, по што го напушти местото. Притоа, малолетното девојче почина на местото, а нејзината мајка се здоби со телесни повреди“, соопшти Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес.
Возачот било приведен во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Истрагата треба да открие дали осомничениот во моментите кога се случи несреќата бил под дејство на алкохол, ако и по 40 часа од настанот останале траги во неговата крв или урина, или можеби бил под дејство на опијати. Возилото бел „мерцедес“ е предадено на техничко вештачење за да се утврди со која брзина управувал, а сведоците велат дека возел многу брзо. Засега нема информации дали и како ќе одговараат тројцата сопатници кои биле во возилото, а кои исто така не се пријавиле и молчеле. Не се открива дали и како токму А. М. е осомничен дека освен што е сопственик на возилото тој возел во критичните моменти.
П. ПЕЧКОВ