УАПСЕНИ ДЕСЕТ ЛИЦА ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НЕЛЕГАЛНИ БОРБИ СО КУЧИЊА ВО БИТОЛСКО, СУДОТ ИМ ИЗРЕЧЕ КУЌЕН ПРИТВОР

    УАПСЕНИ ДЕСЕТ ЛИЦА ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НЕЛЕГАЛНИ БОРБИ СО КУЧИЊА ВО БИТОЛСКО, СУДОТ ИМ ИЗРЕЧЕ КУЌЕН ПРИТВОРБорбите се одржувале во дворот на семејна куќа во битолското село Црнеец (Фото: Википедија)

    Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против две лица за кривичното дело Убивање и мачење животни од член 233, став 3, во врска со член 22 од Кривичниот законик. Осомничените се 44-годишен посредник во организација на борби со кучиња и 43-годишник (М. Х.), кој во дворот на семејна куќа во битолското село Црнеец подготвил заграден ринг каде се организирале борбите.

    Со постапката за истото кривично дело се опфатени и еден грчки и еден косовски државјанин, кои во моментот се во бегство.

    Сите заедно, на 1 ноември во вечерните часови, заради користољубие грубо злоупотребувале и изложиле на непотребни маки куче од расата питбул, сопственост на осомничениот грчки државјанин, наведувајќи го да се бори со куче од расата американски  стафорд, сопственост на осомничениот косовски државјанин.

    Во борбата, кучето питбул се здобило со повреди – угризи од другото животно. Борбата ја следеле други лица од Косово, Грција и од Македонија, кај кои полициските службеници пронашле парични средства во различни апоени на евра и денари. Двајцата сопственици на кучињата веднаш по пристигнувањето на полицијата избегале од местото на настанот. Тие се идентификувани и по нив се трага.

    Од СВР Битола соопштија дека нелегалната борба се случувала околу 23  часот во село Црнеец, каде што полициските службеници ги лишле од слобода А. Д. (49), К. С. (43), Р. Б. (48) и Б. Н. (53), четворицата од Косово, Г. С. (51), И. Ж. (41), М. Х. (43) и В. Л. (43), сите од Битола и В. М. В. (59) од Штип. Тие биле затекнати во дворното место на М. Х. во селото, каде што организирале нелегални борби со кучиња. Притоа се пронајдени едно повредено куче и предмети кои потекнуваат од кривичното дело.

    Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за македонските државјани инволвирани во организацијата на забранетите борби. Од ОЈО соопштија дека Судот донесол решение со кое им определил мерка куќен притвор. Битолското обвинителство ќе вложи жалба на одлуката.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира