Семејството Арсовски е единственото што и денес се занимава со грнчарство во Злетово. Занаетот е во семејството повеќе од еден век, а браќата Мите и Љупчо Арсовски го наследиле од дедо им и татко им. Повеќе од 50 години тие се единствените активни грнчари во Злетовскиот Регион.
Арсовски ја задржале старата работилница, фурната за печење грнчарски производи и нивата со глина од каде ја обезбедуваат основната суровина. Велат дека интерес за грнчарските производи сè уште постои, особено за време на верските празници.
„Добро е што млади брачни двојки се интересираат и купуваат грнчарски производи да им бидат дел од домашната кујна. Посебно се купува за празниците. Сè додека за Бадник, Божиќ или за Задушница се купуваат бардачиња и други керамички производи од глина ќе живее грнчарството. Но, по сè изгледа одумирањето е неизбежно затоа што нема наследници. Нашите деца живеат во Скопје и се определија за други струки. Досега не дошол ниту еден млад човек да се заинтересира за овој занает“, велат браќата Арсовски.

Грнчарството бара упорност и работа во повеќе фази, вели Мите кој занаетот го научил како дете. (Фото: СДК.МК)
Денес, Мите Арсовски е главен носител на грнчарството во Злетово и пошироко во регионот. Заедно со Љупчо и братучедот од чичко, тие се единствените што го одржуваат занаетот, во услови кога, како што велат, во Злетово досега згаснале околу 50 занаети.
Мите е задолжен за производството на грнчарските производи, со помош од сопругата, додека Љупчо е за продажбата. Производите ги продаваат од дома, а секој петок и на штипскиот пазар.
„Асортиманот е различен и го има во сите големини. Се продаваат по 100 денари за малите парчиња. Бардаците се продаваат од 100 до 200 денари. Тавите од 200 до 500 денари во зависност од големината, а најголемите фурнаџиски тави се 800 до 1.000 денари“, вели Љупчо.
Мите занаетот го научил како дете. По прекинот на студиите во Скопје, по смртта на татко му, одлучил да се врати во Злетово и целосно да се посвети на грнчарството.
„Точно е дека грнчарството бара упорност и работа во повеќе фази. Но, грнчарството истовремено е и уметност и треба да имаш осет за секој производ, за секоја обработка. Грнчарот сам ја проценува основната суровина, глината, колку и како таа да се сее и меси, а уметноста доаѓа до израз кога ќе се седне на грнчарското колце на кое се обликува глинениот производ. Следува фазата на украсување со разни бои и шари. Финалната фаза, печењето, е посебна приказна за себе. Фурната може да собере од 300 до 500 парчиња во зависност од нивната големина. Се загрева на дрва и треба да достигне температура до 900 степени. И тука е важен осетот на мајсторот и проценката кога завршува печењето“, вели Мите.
Во Злетово денес единствено опстојува грнчарскиот занает благодарение на семејството Арсовски, кое им укажува на младите дека може да се живее и од грнчарството.
Т. ЈОВАНОВСКИ



