УБИЕН ОСУДЕНИК ВО ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО БАРДОВЦИ ПРИ ТЕПАЧКА СО ЗАТВОРЕНИК ОСУДЕН ЗА УБИСТВО

    УБИЕН ОСУДЕНИК ВО ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО БАРДОВЦИ ПРИ ТЕПАЧКА СО ЗАТВОРЕНИК ОСУДЕН ЗА УБИСТВОНоќеска во Психијатриската болница Скопје во Бардовци, во тепачката во соба на Судскиот оддел, 35-годишен осуденик за убиство од Неготино го убил 62-годишниот осуденик за семејно насилство од Љубанци, Скопско. (Фото: Фејсбук)

    Шеесет и двегодишниот осуденик И. Т. од скопското село Љубанци, кој бил сместен во Психијатриската болница Скопје во Бардовци, починал рано утринава после тепачка со осуденикот Д. С. (35) од Неготино, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

    „На 05.08.2025 во 01:38 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 00.50 часот во Јавната здравствена установа Психијатриска болница Скопје во Бардовци, во соба на судскиот оддел, настанала физичка пресметка помеѓу осудениците Д. С. (35) од Неготино и И. Т. (62) од с. Љубанци, Скопско. Притоа, од ударите со стаклено шише И. Т. паднал во бесознание, по што бил пренесен во Ургентен центар при Комплекс клиники ‘Мајка Тереза’, каде што во 02.20 часот починал. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Д. С. е задржан во собата каде се случил настанот. Имено, Д. С. е осудено лице за сторено кривично дело Убиство, додека И. Т. бил осуден за кривично дело Семејно насилство. По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава“,  вели МВР.

    Од Психијатриската болница ни изјавија дека дека Д. С. и И. Т. се лекуваа во установата на Одделот за лица со изречена судска мерка за Задолжително лекување и чување во здравствена установа.

    „Во 00:50ч дежурните лекари се повикани од персоналот на Одделот за лекување на осудени лица поради физичка пресметка помеѓу Д. С. и И. Т. Дежурните лекари констатирале физички повреди кај пациентот И. Т. Повикана е Итна медицинска помош (ИМП) и пациентот е пренесен на УК за ТОАРИЛУЦ, при Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’. Во меѓувреме е информирана и полицијата кои пристигнаа на место на настанот околу 02:00 ч. Во 02:30 ч. со телефонски повик од лекар на ИМП бевме известени дека кај пациентот И. Т. и покрај направената реанимација настапила смрт. Околу 03:00 на местото на настанот пристигнаа екипи од Единицата за насилен криминал, дежурен Јавен обвинител и Единицата за брзо распоредување, кои направија увид на местото на настанот и преземаа соодветни дејствија. Увидот заврши околу 07:00 часот. Пациентот Д.С. е на Одделот за лекување на осудени лица при болницата, под надзор на полициски службеници по усмена наредба на дежурниот Јавен обвинител“, велат од болницата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира