Во Општина Тетово продолжува трендот на намалување на бројот на ученици кои се запишуваат во прво одделение. Во оваа учебна година запишани се 100 првачиња помалку во споредба со лани. Градоначалникот Билал Касами вели дека трендот на намалување на бројот на ученици продолжува не само кај првачињата, туку и во погорните одделенија и во средните училишта. Не можеше да каже колку точно ученици се отпишале од училиштата, само потврди дека годинава во тетовските училишта се запишани околу 100 првачиња помалку.
„Трендот, за жал, продолжува и оваа година. Според информациите, годинава имаме околу 100 првачиња помалку во споредба на минатата година. Намалување има и во основните и во средните училишта. Затоа сакаме да создадеме подобри услови за граѓаните и учениците, за да го допреме овој негативен тренд. Инвестираме и во објекти и во учебници“, изјави Касами.
Почетокот на школската година беше одбележан во основното училиште „Лирија“, при што Касами му предаде буквар и работна тетратка наменети за учениците кои наставата ја следат на албански јазик. Овие учебници се печатени во Косово и од нив, како што беше речено, ќе учат учениците и во Косово и во Албанија и во Македонија.
„Овој учебник е унифициран за сите Албанци во Албанија, Косово, Македонија и секаде каде што тие живеат. Ќе работиме сериозно сите учебници да бидат унифицирани во духот на заедништвото и во духот на европските вредности. Штом овој учебник е пуштен во употреба во Македонија, сигурно има одобрение и тој ќе биде поделен на сите училишта со настава на албански јазик и ќе биде користен како дополнителен материјал“, кажа Касами.
Овие учебници, букварот и работната тетратка, во училиштето не беа дистрибуирани како и другите учебници доставени од Министерството за образование, туку беа донесени со автомобил од лица вработени во Општина Тетово.
З. АНДОНОВ