За светскиот ден на еколошката средина учениците од осмо одделение од тетовското основно училиште „Братство – Миѓени“ изградија две органски градини во нивниот училишен двор. Поаѓајќи од годинешново мото на светскиот ден „Поврзување на луѓето со природата“, тетовските ученици, според сите еколошки стандарди изградија една градина со цвеќе и една со ароматични и лековити билки.
„Со оваа еколошка спирала што ја направивме ние сакаме да покажеме дека од мали нозе треба да се учиме како да ја зачуваме животната средина. Еколошката спирала ја направивме во неколку чекори, прво го одредивме просторот каде ќе ја градиме, како подлога поставивме ребрест картон кој е еколошки разградлив, потоа поставивме тули, градбата ја наполнивме со земја, секако користевме органска земја на која ѝ додадовме и компост, а откако ги засадивме растенијата земјата ја покривме со слама за да го намалиме испарувањето на водата. Растенијата ги садевме на тој начин што на врвот на оваа спирала ги посадивме оние растенија кои бараат најмногу сонце, а на дното оние на кои сакаат повеќе сенка и кои можат повеќе да издржат без вода“, вели ученичката Михаела Трајковска.
И изборот на растенијата што се посадени во оваа еколошка спирала не е случаен. Во едната спирала се посадени цвеќиња, а во втората неколку видови лековити и ароматични растенија.
„Лековитите билки ги посадивме според тоа која билка кавка положба сака во однос на сонцето. Засадивме два вида босилек, чувар куќа, џунџуле, рузмарин односно билки кои често можат да се најдат во градините. Освен овие два еколошки спирали, направивме и контејнер каде го чуваме компостот со кој по потреба ќе ги надополнуваме спиралите. Секоја билка што ја засадивме си има свои карактеристики, на пример босилокот и рузмаринот кои се многу ароматични билки, додека пак џунџулето е билка која која редовно се среќава во градините на нашите баби кои уште тогаш знаеле дека џунџулето многу помага против штетните инсекти“, вели ученичката Емилија Симјановска.
Тетовските ученици при изградбата на овие еколошки спирали помош добија од стручни лица кои веќе имаат искуство во подготовка на вакви еколошки градини.
„Цел ни е да докажеме дека и во урбани услови може да се одгледуваат корисни растенија врз основа на односите кои ги согледуваме во еко системот и така да создадеме микро климатски услови. Сакаме што повеќе луѓе, а посебно младите и децата, да почнат да размислуваат на темата како може се покрене еден агро систем бидејќи еко системите се прилишно нарушени од човековото дејствие“, вели Димитар Самарџиев од Задругата за потрошувачи на органска храна „Наша добра земја“.
Ова е петто училиште во полошкиот регион во кој се направени вакви еколошки градини. Тетовскиот регион не случајно е одбран, и овие активности всушност се надоврзуваат кон пошироката активност на движењето „Пријателите на Шара“ за прогласување на Шар Планина за национален парк.
К. СЕЈФУЛА