По 40 години постоење, односно откако беше изградено, едно од најголемите основни училишта во Битола, „Елпида Караманди“ дури сега добива нова дограма. Со инвестиција вредна 2,5 милиони евра, обезбедени од Општина Битола и проект на УСАИД заменета е половина од училишната дограма, а останатиот дел до крајот на учебната година ќе биде комплетно променета преку проект на Министерството за образование.
„На овој начин и ОУ ‘Елпида Караманди’ се вбројува во училиштата со реализирани проекти во насока на зголемување на енергетската ефикасност, а се очекува веќе во следната сезона, да се добијат и првите видливи заштеди на енергија“,велат од училиштето.
Ова е само едно од училиштата во Битола чии покриви и дограми се санирани по повеќе децении преку средства обезбедени од општината и други проекти, со што се зголемува енергетската ефикасност. Така, во пет училишта, од кои две средни „Таки Даскало“ и „Ѓорги Наумов“ и три основни комплетно е реконструиран покривот, уште во други две има санација на делови од кровните конструкции.
Во десетина училишта, од кои дел средни, дел основни извршена е замена на дограмата, некаде дрвена стара со години со нова ПВЦ. Зaменети се прозорци и врати по кабинети, училници, влезови, ходници и тоалети.
Ж. ЗДРАВКОВСКА