Учителската школа „Гоце Делчев“ од Штип почнала со работа пред 70 години во штипско Ново Село, создавајќи 2.000 наставници, кои подоцна биле вклучени во образовниот процес во речиси сите градови во Македонија. Поголем дел од нив станале врвни професори и академици, а еден од првата генерација ученици, Мијалче Парнаџиев, пред две години беше хиротонисан во светец.
Еден од најдобрите ученици во 15-те генерации на Учителската школа, а подоцна и нејзин професор, е Атанас Николовски, кој во последните 20 години работел на монографиите и на двата зборника за школата. Нивната промоција се случи во Штип, 50 години по престанувањето на работата на Учителската школа.
„Иако школата престана да работи пред пет децении, самата промоција кажува дека нејзиниот дух сѐ уште опстојува. Последната книга е за 70 години од постоењето на учителската школа ‘Гоце Делчев‘, каде јас бев еден од првите професори, а подоцна станав и управник на Ученичкиот дом во Штип, во кој беа сместени ученици од речиси сите градови во Македонија. Монографијата е доказ за творештвото на учениците и професорите од Учителската школа. Во нејзината подготовка учествуваа стотина ученици и монографијата со име и презиме ги содржи нивните дела и нивното потекло“, вели Николовски, кој бил најдобар ученик од првата генерација.
Николовски најавува дека наскоро ќе се одржи нова научна конференција за образованието во Македонија. Развојот на образованието е стожер на една држава, смета тој. Последната научна средба се одржала пред две години во Штип, која го обработи образованието од 2002 до 2005 година. Наскоро ќе се утврди кој аспект ќе бил опфатен на наредната научна конференција.
Т. ЈОВАНОВСКИ