УЛИЧНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕ ОД БИТОЛА ПРЕНЕСЕНО НА ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ДА СЕ ПЛАЌААТ ПОЕВТИНИ СМЕТКИ

    УЛИЧНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕ ОД БИТОЛА ПРЕНЕСЕНО НА ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ДА СЕ ПЛАЌААТ ПОЕВТИНИ СМЕТКИУлично осветлување во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола го пренесе правото на сопственост врз приклучоците и мрежата за јавно улично осветлување на Јавното претпријатие –Индустриска зона „Жабени“ со цел да плаќаат пониски сметки за струја.

    „Општина Битола како правно лице кое има надминато приходи од 2 милиони евра и повеќе од 50 вработени е на нерегулираниот пазар и се случува ние да купуваме струја од трговци на струја, а ЈП Жабени и домаќинствата се на регулираниот пазар и цената е пониска“, вели Бојан Бојкоски, координатор на советничкото мнозинство во Советот.

    Тој за споредба посочува дека последната сметка за струја што пристигнала во Општина Битола е 170.000 евра месечно, а за овој месец минатата година платиле 26.000 евра.

    „Тие финансиски средства што ги одвојува општината за да ги подмири трошоците кон ЕВН ќе бидат заштедени и ќе се пренасочат за изградба на други капитални инвестиции. Значи ќе плаќаме помала сума за улично осветлување од сегашната“, вели Бојкоски.

    Од опозицијата во Советот обвинија дека ако ваквата пракса продолжи подолго време можно е да се зголемат сметките на граѓаните. Тие сметаат дека на овој начин парите за комуналната такса од граѓаните ќе се насочат кон јавно претпријатие кое има само неколку вработени, па уличното советлување ќе го одржува приватник.

    „Комунална такса ќе му плаќаат на Жабени. Дали Жабени има дејност вршење и одржување на јавно осветлување со двајца вработени оти директорот се желеше дека го затекна во многу лоша состојба, е сега ќе го исправи. Таксата од граѓаните, ооп, на сметката на Жабени, ќе се исправи со милионски суми. Досега Комуналец го одржуваше јавното осветлување и беа вработени луѓе за тоа и го сменија цело со лед осветлување, со помалку финансиски средства од претходно кога приватен оператор работеше, а и сега работи и пет месеци немам одговор за колкава сума ги одржува“, рече советникот Борче Корлевски од СДСМ.

    Изминатите денови министерот за економија Крешник Бектеши за ТВ 21 рече дека Општина Битола манипулира со осветлувањето зашто сопственоста ја префрли на компанија која во претходната година немала воопшто направено промет и на овој начин таа ја плаќала цената на струја која е наменета за домаќинства. Тој рече дека УЈП ќе ги направи потребните контроли. Од Советот , пак, објавуваат дека Жабени плаќа улично осветлување за зоната и е на регулираниот пазар.

    И други општини во државата сопственоста врз мрежата за улично освтлување ја пренесоа врз јавни претпријатија, некаде и новоформирани, за да можат да плаќаат пониски сметки за струја.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира