УМЕТНИЦИ ОД ГРЦИЈА И БИТОЛА ЌЕ СЛАВАТ 130 ГОДИНИ ОД ПРУГАТА БИТОЛА-СОЛУН И ЌЕ ПОБАРААТ ДА СЕ ПУШТИ ЖЕЛЕЗНИЧКАТА ЛИНИЈА КОН ЛЕРИН

    УМЕТНИЦИ ОД ГРЦИЈА И БИТОЛА ЌЕ СЛАВАТ 130 ГОДИНИ ОД ПРУГАТА БИТОЛА-СОЛУН И ЌЕ ПОБАРААТ ДА СЕ ПУШТИ ЖЕЛЕЗНИЧКАТА ЛИНИЈА КОН ЛЕРИНСо цел Битола да се поврзи железнички со соседните општини од грчка страна до 2019 година се изгради нова пруга од Битола за грчка граница, но се` уште не е пуштена во употреба. (Фото: СДК.МК)

    Уметници, пред сè актери, од македонска и грчка страна на 26 јуни со културни перформанси на железничките пруги во своите градови ќе одбележат 130 години од почетокот на градбата на пругата Битола- Солун од 19 век, а и ќе порачаат дека редно е да се поврзи пругата од Битола со онаа од Лерин (Флорина) и низ неа да сообраќаат возови.

    Од Битола во проектот е вклучен Интимен театар, единствен учесник од македонска страна, а од Грција се вклучени културни друштва од Флорина (Лерин), Верија (Бер) и Тесалоники (Солун) и уште пет други градови.

    „Целта е да се прослават 130 години од градењето на таа многу важна артерија Битола-Солун која била од витално значење за луѓето од овој регион, а исто и да повикаме дека е важно таа пруга во иднина да постои . Од наша страна имаме пруга Битола- грчка граница, а потоа може човек да земи линија Лерин –Солун, но возот не ја поминува границата. Овој проект сака да обрне внимание на овој проблем колку е важно да постои оваа железничка линија и колку ќе биде важна за иднината на овој регион во трговска, социјална смисла како линк меѓу двете држави“, рече Софија Ристевска основач на Интимен театар од Битола.

    На 26 јуни во 20.30 часот по македонско време, а 21.30 по грчко, поточно истовремено, на сите девет места, на железничките станици, ќе има културна програма на тема железницата, возовите и луѓето.

    „Интимен театар“ има потреба од финансиска помош за да може да ја збогати културната програма што ќе ја изведе на битолската железница. Доколку биде потпомогнат од локалната заедница покрај драмска , ќе има и музичка програма.

    Пругата Битола- Солун почнала да се гради во 1891 година, а се доградила 1894 година. Функционирала некаде до периодот на Балканските војни и потоа престанала да се користи и се руинира.

    Со цел Битола да се поврзи железнички со соседните општини од грчка страна до 2019 година се изгради нова пруга од Битола за грчка граница, но се` уште не е пуштена во употреба.

    При секое новинарско прашање до надлежните министерства кога ќе свирне возот од Битола за Лерин одговараат дека треба да се договорат уште некои технички детали. Во меѓувреме, не само што железницата не е пуштена, туку затворен е и граничниот премин Меџитлија-Ники на македонско-грчката граница.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира