НАКИТ ОД НЕОЛИТОТ ДО 20. ВЕК ПРОНАЈДЕН ВО ШТИПСКО И СВЕТИНИКОЛСКО Е ИЗЛОЖЕН ВО ШТИПСКИОТ „БЕЗИСТЕН“

    НАКИТ ОД НЕОЛИТОТ ДО 20. ВЕК ПРОНАЈДЕН ВО ШТИПСКО И СВЕТИНИКОЛСКО Е ИЗЛОЖЕН ВО ШТИПСКИОТ „БЕЗИСТЕН“Овие примероци се дел од постојаната поставка на Завод и Музеј во Штип. (Фото: СДК. МК)

    Во Уметничката галерија „Безистен“ во Штип изложени се 120 примероци накит од каменото, бронзеното, железното и  римското време и средновековието. Станува збор за 120 примероци на специфичен и уникатен накит од неолитот до 20. век, почнувајќи од младото камено доба, 7000 година пред н. е. од културната група Амзабегово–Вршник, Светиниколско-Штипско, каде се пронајдени монисто од камен, амулети и белегзии од коска, ѓердани од школки, полжави.

    „Има и артефакти од бронзеното време – халколит (2100-1100 пр. н.е.), железното време – халшат (1. 100-600/500 пр. н. е.) кога во Македонија за првпат почнало да се застапува овој вид на накит, најчесто изработен од бакар и бронза во техника на леење, а се обликувал во вид на геометриски, животински, растителни и антропоморфни симболи и фигури“, вели Гордана Јанева, чија специјалност е нумизматиката.

    (Фото: СДК.МК)

    Нејзиниот колега Мите Штерјов, експерт по археологија и конзервација, додава дека во дваесетината витрини во „Безистенот“ се изложени разни видови фибули (украсни игли за придржување на облеката) со лачна или двојноспирална форма, белегзии, привезоци, торквеси и други мазни и зарамнети видови ѓердани, како и разноводини апликации кои биле фиксирани за појасот и облеката.

    Овие примероци се дел од постојаната поставка на Завод и Музеј во Штип, која е богата и со накит од римско време (2 век пр. н. е. – 4 век н. е.) кога за изработка на накитот од благородни метали се користела жица и лим кој често бил аплициран и со други материјали, како драги и полудраги камења, стаклена паста и слично. Жените ги украсувале своите коси и врат, додека мажите најчесто носеле прстени и фибули. Понекогаш се носеле и украсни игли , додека прстените–клучеви ги носеле и мажи и жени. Биле изработувани и од благородони метали, стакло, гагат и од коска.

    Според истражувањата, Јанева утврдила дека огрлиците (монилиа) биле исклучиво женски накит и можело да се носат неколку одеднаш. Најчесто се изработувани од жица во комбинација со обоени зрна и привезоци од тенки листови. На огрлиците обично имало и привезоци, на пример луноли, були и камеи, а наушниците го сочинувале накитот за глава, изработени од жица или украсени со некој полудраг камен.

    (Фото: СДК. МК )

    „Во археолошката збирка на Завод и Музеј Штип има накит од кој може да се увиди техничката и уметничката изработка на накитот применуван во тој период и најчесто е регистриран како прилог на починатите, но постои веројатност дел од накитот да е од увоз заедно со други предмети. Особено се истакнува диадемата од златни ливчиња, сребрените украсни игли и прстените од бронза и злато со вметнати геми изработени од полудраги камења, а помал дел од стакло“, вели Јанева.

    Археологот Штерјов смета дека накитот, највисоко ниво во својот развој добива во средновековната епоха (7-14 век) кога се користеле разни техники, леење, глачење, фастирање, тордирање , филигран, гранулација итн. Во раното средновековие (7-9 век) присутни се прстестите и фибулите со подвиена нога, но и раритетните амулети со врежани претстави.

    „Презентираниот накит содржи репрезентативни примероци, со хронолошка рамка од праисторијата до 20. век кога е зачетокот на перидот од таканаречениот граѓански накиг, давајќи целосна слика како изгледал накитот и неговата функционална компонентна во сите културно историски епохи кои имале изобилство на техники, облици и мотиви“, вели Штерјов.

    (Фото: СДК. МК )

    Изложбата во „Безистен“ во центарот на Штип ќе биде отворена до крајот на неделата, а поставката постојано ќе биде дел од Музејот во Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира