УНИВЕРЗАЛНА САЛА ДОБИ НОВА КУПОЛА КОЈА НАВЕЧЕР ЌЕ СВЕТИ

    УНИВЕРЗАЛНА САЛА ДОБИ НОВА КУПОЛА КОЈА НАВЕЧЕР ЌЕ СВЕТИЗа фасадата ќе се употребат нови материјали за да биде енергетски ефикасна. (Фото: К.Попов)

    Поставена е нова купола на Универзална сала. Во рамките на градежните работи за реконструкција на концертната сала отстранета е старата купола и поставена е нова.

    Според проектот, куполата ќе биде зголемена и навечер ќе свети. Ќе се задржат постојните форма и габарит, односно се зачувува духот на Универзална сала. Ќе се прави внатрешна реорганизација на просторот и ќе се употребат нови материјали на фасадата за да биде енергетски ефикасна, а истовремено се зголемува и противпожарната заштита.

    Со решението ќе се реши најгорливиот проблем на Универзална сала – немањето фоаје. Ќе има и нов распоред на седиштата, кои сега се тесно поставени, па ќе се намали нивниот број од 1.500 на 1.100-1.200.

    По пауза од две години Универзална сала продолжи да се реконструира во февруари. Градоначалничката Данела Арсовска по доаѓањето на функцијата ги стопираше градежните работи, кои почнаа во времето на нејзиниот претходник Петре Шилегов. По една година натегање, објектот го презеде Министерството за култура и сега тие ќе го водат проектот, по што салата повторно ќе биде вратена на Град Скопје.

    Градежните работи ги изведува фирмата „Универзал-Балкан“, а проектант е Бујар Муча од „Мегарон инженеринг“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира