Сѐ уште нема законски наследник на станот на улица Климент Охридски број 19 во центарот на Битола, кој е полн смет, смрди и претставува опасност од ширење зарази. Поради тоа, управителот на станбениот сервис во зградата мора од судот да побара дозвола за непречено влегување во него со цел да биде исчистен, соопштија од Општина Битола и велат дека претставници на Општинскиот инспекторат вчера по поплаките на жителите презеле активности во рамки на своите надлежнисти.
САКАМДАКАЖАМ.МК вчера објави дека од станот полн со ѓубре, кој не е исчистен со месеци по смртта на сопственичката, се шири неподнослива реа низ зградата кај Стара болница и дека жителите стравуваат од појава на зараза и штетници, па итно бараат државните и локалните институции да преземат мерки за решавање на проблемот. Станари од зградата кажуваат дека вратата од станот извесен период била пломбирана со поставена лента од полицијата откако внатре било пронајдено телото на станарката повеќе недели по смртта.
Од Општината велат дека се прибавени информации по службена должност од управителот на станбениот сервис, при што тој кажал дека починатата сопственичка на станот сѐ уште нема законски наследник, со што управителот немал овластување да влезе во станот.
„Исто така, одржан е и состанок со претставник на СВР Битола и констатирано е дека надлежноста за постапување на овај случај е на Основниот суд Битола, со што итно управителот на станбениот сервис е должен да прати барање до Основниот суд за отпочнување на судска постапка за стекнување можност на законско и непречено влегување во недвижноста“, соопштија од Општина Битола.
После добивање на правосилно судско решение, управителот на зградата ќе пристапи кон целосно чистење на станот.
Во координација на Општината со Центарот за јавно здравје, договорено е после постапувањето на управителот на зградата да биде спроведена итна дезинфекција на ходниците на целата зграда и предметниот стан во присуство на овластени лица.
„Жената почина пред скоро една година, а состојбата е катастрофална и опасна по здравјето на сите станари и пошироката околина. Станот е полн со ѓубре, мувла, инсекти. Балконот е претворен во депонија, а влезната врата извесен период беше запечатена со градежна пена и полициска лента, но станот сè уште не е исчистен. Миризбата е неподнослива, се шири по целиот објект и влегува во становите на станарите“, реагираше вчера Љубица Стерјева, жителка на зградата.
Станарите бараат итна реакција, чистење, дезинфекција и трајно решавање на проблемот. Ако веднаш не се преземат мерки, најавуваат протест и пријавување до високи меѓународни тела за заштита на здравјето и човековите права.
Ж. ЗДРАВКОВСКА