УШТЕ ЛАНИ КАЖАВМЕ ДЕКА ЌЕ ГИ МЕНУВАМЕ ПЛОЧКИТЕ ВО СКОПСКАТА ЧАРШИЈА, КАЖА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЧАИР ГАНИУ

    УШТЕ ЛАНИ КАЖАВМЕ ДЕКА ЌЕ ГИ МЕНУВАМЕ ПЛОЧКИТЕ ВО СКОПСКАТА ЧАРШИЈА, КАЖА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЧАИР ГАНИУГрадоначалникот Ганиу на прес-конференција објасни дека проектот се прави со пари од Светска банка, а на 6 април кога почнаа градежните работи информација и фотографии беа објавени и на фејсбук страната на Општина Чаир. (Фото: К. Попов)

    Реконструкцијата на Старата скопска чаршија ја најавивме уште лани во декември, ништо не се прави преку ноќ, рече градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу. Откако синоќа на социјалните мрежи излегоа фотографии кои беа преземени од дел од порталите, дека за време на пандемијата на коронавирусот без најава се вади каменот од улиците во Чаршијата, градоначалникот Ганиу на прес-конференција објасни дека проект бил најавен, а на 6 април кога почнаа градежните работи информација и фотографии беа објавени и на фејсбук страната на Општина Чаир.

    „Ништо не криеме и целта не е да се наруши автентичноста на Чаршијата. Ги имаме сите потребни дозволи од Управата за заштита на културното наследство. За овој проект имаме добиено грант од Светска банка, со чиј надзор се врши реконструкцијата“, рече Ганиу.

    Со проектот за реконструкција се предвидува поставување на нов травертин со површина од 1.860 метри квадратни, реставрација на 75 дуќани, поставување унифицирани тенди и натписи.

    „Сите камења кои сега ги вадиме се складираат во магацин, не се продаваат. Во наредниот период, каменот кој не е оштетен ќе го искористиме за реновирање на улицата Самарџиска, за што имаме изработен проект, само ја чекаме конзерваторската дозвола за да почнеме со работа“, додаде Ганиу.

    На 2 октомври 2019, градоначалникот Ганиу и министерот за економија Крешник Бектеши најавија дека со над 1 милион евра ќе се враќа автентичниот изглед на Старата скопска чаршија. Со пари од Министерството за економија од 2015 во три фази се конзервираат, санираат и унифицираат излозите на дуќаните, а Ганиу и Бектеши лани најавија дека со парите од Светска банка ќе се менува и калдрмата. Тогаш кажаа и дека од постоечките 115 локали во чаршијата, стариот изглед ќе се врати кај 97 коишто се под надлежност на Општина Чаир. Останатите 18 дуќани се под надлежност на Општина Центар, од каде тогаш изјавија дека за нивна реконструкција Општината добила 1.800.000 денари, односно по 100.000 денари од дуќан, што не било доволно и затоа ја стопирале постапката на неопределено време.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира