Нов апел за недостаток на антидијабетна терапија упатија пациентите дијабетичари, откако пред три седмици, на одбележувањето на 25-годишнината на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДМ), тие првпат алармираа за проблемот. Ниту по дваесетина дена проблемот не е надминат и решен, а најпогодени се децата и младите. Проблемот, кој е од почетокот на годинава, продолжува.
„Пациентите со дијабетес во Македонија последните седмици се соочуваат со сериозен проблем на недостаток на антидијабетна терапија. За новите и постојните пациенти има инсулин. За тип 1 нема сензори, нема глукомери. Апелирам до Министерството за здравство после празниците да се надополни количината, да стигне до сите пациенти. Посебно да се забрза дистрибуцијата на лентите, сензорите и глукомерите за децата и младите“, кажа Димче Велев, претседател на СЗДМ.
Околу 40.000 луѓе користат антидијабетна терапија во Македонија. Во земјата се регистрирани околу 140 илјади лица со дијабетес, при што 4.000 се со тип 1 автоимуна болест, што подразбира современи методи за континуирано мерење гликемија.
Од Министерството за здравство тврдат дека извршиле набавка на глукомери, кои биле доставени до аптеките, а во тек е постапката за набавка на сензори.
„Од минатиот месец, во сите инсулински аптеки се доставени најсовремени глукомери и ленти за мерење гликемија. За сензорите за континуирано следење гликемија во тек е јавна набавка и обезбедена е дополнителна количина за 150 пациенти, па по завршувањето на јавната набавка тие ќе бидат достапни за 800 пациенти. Согласно законските процедури за јавна набавка, во моментот течат административните рокови за жалба“, соопштија од Министерството.
На секои две години, во првите месеци од годината, се чувствува недостиг на антидијабетна терапија. Недостатокот се објаснува со доцното распишување тендери и со лошото планирање од Министерството за здравство.
П. ПЕЧКОВ



