Aмбасадорот на ЕУ Михалис Рокас утре, 12 март, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан ќе присуствуваат на почетокот на градежни работи на граничниот премин со Грција, Маркова Нога во Преспа, соопштија од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.
„Официјално ќе се започне со градежни работи за царинската зграда со придружната инфраструктура, и тоа канцеларија на осигурителната компанија, јавни тоалети, резервоар за вода, нова станица за третман на вода кај трафостаницата, три пристапни патишта и паркинг кај новиот граничен премин Маркова нога – Герман. Работите, вредни 2 милиони евра, се дел од финансиската програма ‘ЕУзаПреспа’, која изнесува вкупно 21,5 милиони евра. Од нив, 18 милиони евра, односно 84 проценти се обезбедени од Европската Унија, а остатокот се од националниот буџет. ‘ЕУзаПреспа’ се спроведува преку два договора за придонес потпишани со УНДП. Опремата треба да ја испорача и инсталира Царинската управа“, соопштија од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.
Реконструкцијата на полициската зграда ќе биде покриена со дел од програмата Интеррег ИПА Грција – Северна Македонија финансирана од ЕУ со вкупно 7,73 милиони евра, вклучително 1,2 милиони евра од Министерството за внатрешни работи и 114,136 евра од Општина Ресен за финансирање на градежните работи од двете страни. Граничниот премин се очекува да биде отворен во 2028 година.
Граничниот премин Маркова Нога – Лемос меѓу Македонија и Грција е затворен 58 години. Повторно отворање беше најавено уште со потпишување на Преспанскиот договор во 2018 година.. Претходно се минувало само со лична карта.
Во ноември минатата година Грција потврди дека ќе почне да се гради граничниот премин. Тогаш Јорго Аманатидис, регионален гувернер на областа Западна Македонија, за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека од грчка страна работат на овој проект кој е клучен чекор за зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји и ќе доведе до значителни еколошки, социјални и економски придобивки за регионот.
Ж.ЗДРАВКОВСКА